Формирана нова Домска заедница во велешкиот ученички дом „Лазар Лазаревски“

Објавено: 26 ноември, 2025, во 10:11 часот

Во ученичкиот дом при ОУД „Лазар Лазаревски“ – Велес беше одржана конститутивната седница на Домската заедница, на која претставниците од воспитните групи дискутираа и решаваа по неколку важни точки од дневниот ред.

На седницата најпрво беше разгледана и едногласно усвоена Програмата за работа на Домската заедница за учебната 2025/2026 година. Учениците беа запознати со планираните активности, а воедно предложија и дополнителни иницијативи кои ќе придонесат за подобрување на животот и работата во домот.

Во рамки на втората точка беше избрано и новото раководство на Домската заедница. За претседател е избрана ученичката Миа Ефтимова од прва воспитна група, за заменик-претседател Благица Накова од четврта воспитна група, додека функцијата записничар ќе ја извршува Марија Бочева од трета воспитна група.

По третата точка од дневниот ред беа формирани и комисиите кои ќе функционираат во рамките на Домската заедница. Учениците избраа членови во Комисијата за успех, Комисијата за културно-забавен живот, Дисциплинската комисија, Еколошката комисија и Комисијата за спортско-рекреативни активности.

На крајот на состанокот беа разгледани и тековни прашања, со што официјално започна новата работна година на Домската заедница, која се очекува да биде исполнета со бројни активности и проекти во интерес на сите домски ученици.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.