(фото) Две децении со „Танец“ – Велешанецот Сашко Трајковски солист што го носи македонскиот дух во секој чекор
Објавено: 14 ноември, 2025, во 09:00 часот
Велешанецот Сашко Трајковски веќе две децении е истакнат играч од прв ред – солист во Националниот ансамбл за народни игри и песни на Македонија „Танец“. Годинешниот работен јубилеј на Трајковски претставува потврда за неговата фолклорна посветеност и љубов кон македонската традиција.

Во разговор за Дума.мк, Трајковски ги откри своите фолклорни почетоци во далечната 1990 година, како играорец во Пионерски дом „Ѓоре Органџиев“ во Велес се до 2002 година. Потоа тој станал член на Ансамбл „Керамичар“ а веќе во 2005 го започнува своето професионално поглавје во „Танец“, прво како играч – пеајч а подоцна како еден од истакнатите солисти во прв ред.

– Голема е честа и гордоста да го славам овој работел јубилејот од 20 години посветени на македонскиот фолклор во „Танец“. Сите овие години играм посветено, со страс и љубов како и со почит кон сите мои поранешни и сегашни колеги. Оваа година исто така имам чест и одговорност да бидам асистент и покрај играњето да им помагам на колегите во подготовката на концертите, објасни Трајковски.

Во текот на овие две децении велешанецот настапувал на стотици сцени ширум светот — не само низ Европа, туку и во Австралија, Америка, Канада и Азија, со што достојно ја претставувал македонската култура пред интернационалната публика.

Како дел од стандардната постава на ансамблот, учествувал во речиси сите значајни програми и кореографии на „Танец“, меѓу кои се „Седенка“, „Калајџиско“, „Драчевка“, „Малешевка“, „У ливаду“, „Шопска петорка“, „Осоговка“ и „Посеље“.

Со особена чест ја истакнува својата улога во антологиското оро „Тешкото“, кое го изведува со посебна емоција и почит кон традицијата.

– Многу сум благодарен за секоја поддршка, љубов и аплаузите коишто сум ги добивал низ годините. Исто така, благодарен сум што сцената ја делам и со мојата животна сопатничка Наталија, па така нашата професија е и наш живот. И во наредните години мојата посветеност кон професијата ќе биде со иста љубов, објасни Трајковски.

Инаку, Трајковски со години активно придонесува за развојот на фолклорот и на локално ниво. Од 2006 година е раководител на Ансамбл „Керамичар“ а од 2017 година го води и КУД „Тодор Јанев“ во Општина Чашка. Со неговата работа и ентузијазам успева да инспирира нови генерации млади играчи кои со истата љубов ја продолжуваат традицијата.

Дваесет години со „Танец“ за Трајковски не се само бројка, туку живот исполнет со ритам, движење и гордост.
Стефани Манева


