(фото и видео) Отворен ден во ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ – Велес: Идните средношколци се запознаа со стручното образование одблиску

Велешкото државно средно училиште РЦСОО „Коле Неделковски“ денеска ги отвори вратите за учениците од основните училишта со цел да ги запознае со образовните профили и можностите што ги нуди. На Отворениот ден, основците, заедно со професори од училиштето беа поделени во групи и имаа можност директно да се запознаат со секторите преку посета на кабинетите во училиштето каде средношколците преку презентации им ги доближуваа образовните профили на основците.


Дворот на училиштето беше исполнет со креативна атмосфера. Таму можеа да се забележат ученици кои цртаа, свиреа и пееја, а присутни беа и штандови на угостителскиот сектор, на секторот за транспорт, шпедиција и складирање како и на Црвениот крст од Велес и социјалните партнери на училиштето кои даваат значаен придонес во практичната настава и обука на учениците.


Директорот на училиштето, Горан Богоевски во видео изјава за Дума.мк напомена дека целта на отворениот ден е да им се покаже на идните средношколци зошто „Коле Неделковски“ е еден од лидерите во стручното образование и зошто треба да бидат дел од него.
Во рамки на настанот, деветтоодделенците имаа можност да проследат и презентации но и да ја разгледаат опремата со којашто располага училиштето за изучување на секој сектор поединечно. Во видеото може да видите и дел од презентацијата на учениците од паралелката за транспорт и шпедиција кои преку интересна презентација детално ги информираа основците за наставната програма, предметите и практичните активности што ги очекуваат доколку изберат да бидат дел од оваа паралелка.
Следниот важен чекор за идните средношколци е првиот уписен рок, кој ќе се реализира електронски од 14 до 17 јуни. Потоа, на 18 и 19 јуни, учениците ќе треба лично да ја достават потребната документација за запишување.


Основците ќе може да бидат дел од секторот Машинство поточно во паралелката за машински техничар/техничар за производно машинство, потоа техничар за компјутерско управување, машински техничар за моторни возила и автомеханичар/заварувач.

Потоа можат во сектор за електротехника и информатички технологии да изберат електротехничар за компјутерска техника и автоматика, електрохеничар за електроника и телекомуникации и мехатроника/електротехничар-енергетичар.

Деветтоодделенците можат да бидат дел и од паралелката техничар за транпорт и шпедиција во секторот за сообраќај, транпосрт и складирање, како и за паралелката готвач/келнер во секторот за угостителство и туризам.

ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ и оваа година покажува дека е институција која не само што нуди квалитетно стручно образование, туку и активно ги подготвува своите ученици за иднината – и на пазарот на труд и во општеството.
Стефани Манева
