(фото и видео) Во Велес одбележана Неделата на имунизација – опфатот со вакцини на задоволителено ниво

Објавено на 2 мај, 2025 во 13:21

Во рамките на Европската недела на имунизација, која се одбележува по иницијатива на Светската здравствена организација, денеска пред платото на велешкиот театар се одржа информативен настан посветен на значењето на вакцинацијата кај децата. Настанот го организираа докторките од Службата за детска и школска превентивна медицина при ЈЗУ Здравствен дом Велес со цел да се подигне свеста кај граѓаните за важноста на редовната имунизација.

Во пријатна и едукативна атмосфера, граѓаните имаа можност директно да се информираат и да добијат одговори на прашања поврзани со вакцините и здравјето на децата. Настанот беше особено привлечен за најмладите, кои добија балони, маички и торбички со натпис за поддршка на имунизацијата, а родителите добија информативни флаери со корисни совети.

Доктор Марина Тодоровска за Дума.мк изјави дека Велес традиционално се одликува со високо ниво на вакцинација и изрази особена гордост за постигнатите резултати во изминатата година, но нагласи дека дека загриженоста останува кај покриеноста со МРП вакцината поточно за морбили, рубеола и паротит, каде што и покрај малото покачување, процентот едвај достигнува 75%.

Настанот помина успешно, со позитивен одзив од граѓаните и активна вклученост, потврдувајќи дека ваквите иницијативи се од големо значење за јавното здравје и безбедноста на децата.

Воедно, од понеделник, 5 мај, во ЈЗУ Здравствен дом Велес ќе започнат систематските прегледи за децата родени во 2019 година, кои од септември треба да започнат со настава во прво одделение. Како што информираат докторките секое дете ќе биде повикано преку покана на домашна адреса, со цел да се изврши систематски преглед и потребна вакцинација. По завршените прегледи и примени вакцини, родителите ќе добијат белешка дека детето е вакцинирано и подготвено да започне на училиште.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.