(фото и видео) Во Велес одбележани 80 години од Денот на победата над фашизмот

Објавено на 9 мај, 2025 во 11:50

Во Спомен-костурницата во Велес, денеска, свечено беа одбележани 80 години од Денот на победата над фашизмот – денот кога беше означен крајот на Втората светска војна и победата на слободољубивите народи над најмрачната идеологија во современата историја.

Свеченоста започна со интонирање на химната на Република Македонија и на градот Велес и во воведното обраќање на почетокот на настанот беше потенцирано дека Велес отсекогаш бил град со длабоко вкоренето револуционерно минато и чувство за слобода.

-Нашиот Велес е симбол на борбата, град во чии улици е впишана историјата со крвта на хероите. Спомен-костурницата, во облик на скршен шлем – симбол на паднатиот непријател, стои високо над градот како чувар на слободата чувајќи ги моштите на паднатите борци и жртви на фашизмот вградени во темелот на слободата, беше нагласено во говорот.

Во симболот на непокорот градоначалникот Марко Колев се обрати пред присутните и порача:„Смрт на фашизмот, слобода на народот. Да живее слободен Велес и слободна Македонија“.

Присутни на настанот покрај Градоначалникот на Општина Велес Марко Колев, беа и претставници на Армијата на Република Македонија, советници од Советот на Општина Велес, членови на Сојузот на борци, семејства на загинатите борци, директори и наставници од образовни институции, како и бројни граѓански здруженија.

Сите присутните со свежо цвеќе се поклонија пред бистата во Костурницата, оддавајќи им почит на паднатите борци и жртвите на фашизмот.

Настанот заврши со пригоден музички перформанс на велешаните Охридеа Дукова и Сашко Костов, кои со своите изведби му дадоа свечен и достоинствен крај на одбележувањето на овој значаен историски ден.

Денешниот настан е потсетник дека Велес не заборава – туку гордо го чува и пренесува сеќавањето за слободата како највисока човечка вредност.

Стефани Манева

Фото галерија:

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.