(фото) Комуникацијата меѓу граѓаните, полицијата и локалните медиуми е на повисоко ниво и е многу значајна
Евротинк – Центарот за европски стратегии, денеска, во општинската сала во Велес одржа дискусија поврзана со транспарентноста и отчетноста на полицијата во локалните заедници. За време на настанот, Биљана Ѓаковска, самостоен инспектор за криминалистички работи во Отсекот за превенција при СВР Велес, соопшти дека во последните неколку години полицијата се повеќе дава акцент на превенцијата кон граѓаните и организира разни кампањи и едукативни работилници.
-Со заедничката работа што ја имаме ние како Министерство со другите инситутции во градот, како и со здруженијата, заеднички се повеќе го креваме тоа превентивно работење на повисоко ниво и спроведуваме заеднички кампањи. Сега сме многу подостапни на јавноста, во смисла на информираноста за нашето работење. Како да се спречат некои кривични дела или не мили настани, што треба граѓаните да превземат и како да се заштитат од некои настани коишто се случуваат се дел од темите на коишто комуницираме со граѓните. Постојано правиме кампањи, пример во текот на цела година имаме кампања „Градиме пријателство, создаваме безбедност“. Имаме и најмалку по два пати годишно едукативни работилници во училиштата, кадешто учениците ги едуцираме на разни теми со цел да ја пробудиме нивната свесност за тоа како да се однесуваат, додаде Ѓаковска.
На настанот беше присутен и претставник од ОБСЕ, Алексеј Гавриш, според кој оваа тема е многу битна во општеството.
-Да се работи како полицаец и во полиција значи дека треба да се биде близок до граѓаните, бидејќи полицијата е дел од нив. Затоа со јасна комуникација и транспарентност граѓаните ќе се доближат до полицијата и ќе знаат што работат а со тоа ќе им биде појасно дека полицијата е всушност народот. Оваа комуникација двострано е многу битна бидејќи и двете страни добиваат битни информации, поточно народот знае што работи полицијата е а полицијата прима информации околу безбедноста, додаде Гавриш.
Исто така, локалните медиуми играат клучна улога при обезбедувањето транспарентност од широки размери што е поврзано со меѓусебна одговорност. За време на дискусијата се донесе заклучок дека работата и соработката на локалните медиуми со полицијата е на повисоко ниво. Локалните медиуми редовно известуваат за едукативните работилници и кампањи организирани од страна на полицијата.
Извршниот директор на Евротинк, Димитар Николов, рече дека ова е прва дискусија којашто се организира во рамки на проектот „Подобрување на транспарентноста и отчетноста на полицијата во Република Северна Македонија“.
-Проектот е посветен на транспарентноста и отченоста на полицијата и како дел од него организираме локални дијалози кадешто покануваме преставници на полицијата, на меѓународни организации ОБСЕ, медиуми, граѓански организации и граѓани кадешто треба да се дискутира за тоа како да се подобри комуникацијата и соработката помеѓу граѓаните, полицијата и медиумите. Ова е прва наша дискусија, следната недела ќе одиме во Куманово и Гостивар. На претходни слични вакви дискусии и беа динамични, се зборуваше за проблеми каде граѓаните немале друга прилика да ги зборуваат во јавност со цел да се дојде до решение на проблемите, додаде Николов.
Во рамки на проектот ќе се одржат регионални дискусии во сите плански региони во државата.
Стефани Манева