Годинава, наградата „Гемиџии“ за актерот Темелковски и признанието „Шоптрајанов“ на студентот Ингилизов

Објавено на 16 октомври, 2025 во 12:10

На денешната, последна седница на актуелниот состав на Советот на Општина Велес, избран пред четири години, советниците едногласно ги усвоија првите три точки на дневниот ред, поврзани со доделување на годинешните општински награди и признанија.

Советот едногласно го изгласа предлогот на Комисијата за образование и млади, со кој Марко Ингилизов, студент на Принстон универзитет во САД, е избран за добитник на признанието „Проф. д-р Ѓорѓи Шоптрајанов“ за најстудент за 2025 година. Одлуката на седницата ја образложи Претседателот на Комисија за општествени дејности Александар Кукулев.

Во втората точка, со четири гласа „за“ по предлог на Комисијата за општествени дејности со четири, советниците едногласно одлучија наградата за животно дело „Гемиџии“ за 2025 година да му биде доделена на актерот Петар Темелковски.

Во рамки на третата точка, со 22 гласа Советот ја усвои одлуката за доделување на Деветоноемвриските признанија на Општина Велес за 2025 година.

Пофалници се доделуваат на Маријана Нацева, Трајче Илиевски и „Киноверзум“. Благодарници се доделуваат на ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“, СОУ „Јовче Тесличков“, Локалната библиотека „Гоце Делчев“, и на поединците Јасмина Дамјановска, Лила Арсова и карикатуристот Миле Манчевски.

Спомен-плакети ќе им бидат доделени на проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска, проф. д-р Венко Андоновски, проф. д-р Искра Тасевска Хаџибошкова и академик Катица Ќулавкова како автори и уредник на тритомното издание посветено на Кочо Рацин.

Дополнително, по предлог на градоначалникот Марко Колев, благодарница ќе добие Мото клубот „Носачи на крстот“ од Велес, а спомен-плакета ќе му биде доделена на градежниот инженер Бошко Цилаков. И оваа точка доби едногласна поддршка од сите присутни советници.

На крајот од седницата, претседателот на Советот, Даниел Јаневски, им честиташе на сите добитници и порача тие да продолжат да го претставуваат и промовираат Велес низ светот.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.