Годинава, за шест месеци скоро три пати зголемен бројот на „булинг“ во Македонија – за децата жртви потребен е развиен систем на поддршка
Расте бројот на случаи на меѓуврсничко насилство во државата. Статистиката на Првата детска амбасада „Меѓаши“ покажува дека во првите шест месеци на 2022 година евидентирани се 14 деца, жртви на булинг или за седум повеќе споредено со претходната година кога на врсничко насилство се пожалиле пет деца. Податоците се според евидентираните повици на СОС линијата „Ало бушавко“ на „Меѓаши“. Тоа не значи дека бројката е дефинитивна. Можеби е и поголема бидејќи не секое дете или негов родител биле храбри и го пријавиле булингот. На прашањето на Дума.мк во која средина, рурална или урбана,има поголем број на врсничко насилство и која е возраста на децата жртви, од „Меѓаши“ одговорија:
„Најчесто застапена возрасна група на децата опфатени со врсничкото насилство e од 6 до 14 години. Најголем број од јавувањата изминатите години се од урбана средина, така што навидум може да се чини дека булингот е најчест во оваа средина, но да не го отфрлиме податокот дека за некои јавувања немаме информации за каква средина станува збор, бидејќи некои дојавувачи се анонимни со цел да ја заштитат својата приватност. За да се види состојбата неопходно е да се направи поопсежно истражување.“
Првата детска амбасада „Меѓаши“ за посленото случување со врсничко насилство во училиштето во Градско излезе со став дека сите случаи треба да се третира како апсолутно кршење на детските права. Она што особено загрижува, според нивните анализи и експертиза, се податоците дека ваквиот начин на однесување најчесто се повторува и претставува дополнителен стрес за оние кои се предмет на малтретирање односно жртви на bullying. Случките, исто така се закана за позитивниот развој на децата и на нив општеството мора да одговори со јакнење на колективната свест преку координирано вклучување на сите ресурси на заедницата.
„Врсничкото насилство за жртвата е причина за вознемиреност, за осамување, за депресија, за губење интерес за училиштето и училишниот успех, за затворање во себе. Ваквите емоции можат да прераснат во состојба на таканаречен токсичен срам, што го поддржува чувството на беспомошност во однос на однесувањето со другите врсници. Така, овие деца веруваат дека дури ниту повозрасните не би можеле да им помогнат. За други, ваквите искуства можат да бидат крајно повредувачки и на тој начин би можеле да се соочат со пост-трауматски стрес кој би се пролонгирал во одреден период од животот. Миксот од емоции кои овие деца го доживуваат е токсичен за нивната психолошка добросостојба,“ сметаат од „Меѓаши“.
Оттаму додаваат дека децата, изложени на врсничко насилство, вообичаено се омаловажени и социјално отфрлени, а се подложни и на некои форми на агресија од страна на еден или повеќе врсници. На новинарското прашање на Дума.мк што е приоритетно потребно за превенирање на случаите од „Меѓаши“ одговорија:
„Агресивните модели на однесување по пат на социјализација се учат преку набљудување од најрана возраст во семејството, во врсничката интеракција, во медиумите. За децата жртви на насилство, значајно е да се развие систем на поддршка во нивното опкружување, што подразбира: топла и поддржувачка атмосфера во семејството, помош при стекнување на нови пријателства, зајакнување на постоечките пријателства, јакнење на самодовербата, како и подучување на нови вештини за комуникација. Родителите можат да одиграат значајна улога кај децата. Важно е да го следат однесувањето на своето дете, да ја регистрираат секоја промена во неговото однесување и расположение и да проверуваат дали е сѐ во ред. Тие, исто така, треба да ги поучуваат децата на позитивно однесување, да им укажат на грешките што ги прават, да ги учат на нови вештини за комуникација, но и да им објаснат дека секогаш кога ќе дојде до врсничко насилство, потребно е да се обратат кај возрасна личност.“
Сите укажувања на граѓанската организација водат кон заклучок дека за државата и за граѓаните неопходно потребно е тие дополнително да работат на подигнување на свеста за врсничкото насилство како и на последиците од истото. Затоа потребни се децата, наставниците, родителите, институциите и сите останати чинители во општеството. Сите мораат да стекнат вештини за одбрана и превенција, од жртвите на врсничко насилство преку практикување на ненасилно однесување, мирно решавање на конфликти и конфликтни ситуации како и создавање култура на ненасилство со почит и љубезност кон заедницата, пријателите, родителите, наставниците и врсниците.
Убавка Јаневска