Горниот дел на градскиот пазар треба да биде готов до 15 септември
Пред четири дена беа поставени челичните столбови на горниот дел од градскиот пазар што значи дека за помалку од еден месец, поточно 15 септември, горниот дел од пазарот да биде готов. Тезгите којшто во моментов се наоѓаат на долниот дел од пазарот после 15 септември ќе бидат преместени на горниот дел со цел изведувачот за долниот дел од пазарот да започне со работа.
– Постапката за избор на изведувач за долниот дел од пазарот е веќе завршена, според пропизициите на Светска банка. За најповолен изведувач за долниот дел од пазарот е избрана фирмата „БВ Инжинеринг“ од Битола. Договорот е веќе потпишан и очекуваме во наредниот период да донесат банкарска гаранција. Треба да достават и динамички план за да може да ги воведеме во работа кога ќе се создадат услови за тоа, рече Градоначалникот Аце Коцевски.
Има задоцнување со изведбите на градежни работи со горниот дел од пазарот, градоначалникот Коцевски посочи повеќе причини .
-Првата причина за задоцувањето е поради преместување на столбови и кабли на ЕВН којшто се наоѓаа во теренот на горниот дел на пазарот што одзеде време, потоа поради оштетувањето коешто го направи изведувачот на големиот колектор за фекална канализација кој поминува по горниот и долниот дел на пазарот. Пропустите кои беа констатирани или мали недостатоци и непрецизности во начинот како треба да се поврзе челичната конструкција во основниот проект за што требаше да се направат измени од страна на проектантите. Потоа поради високите температури, прогласувањето на портокалова фаза и забраната од страна на Владата за работење во време на портокалова фаза. Би сакал да кажам дека има и субјективни причини од страна на изведувачот и ние ќе ги примениме сите мерки што ни стојат на располагање според договорот за да се наплатат на крај казнени пенали поради задоцнувањето, додаде Коцевски.
Договорот за градскиот пазар за горниот дел е во вредност од 34.696.686 денари и изведувач на работите е фирмата „Бауер БГ“ од Скопје.
Стефани Манева