Градскиот базен во Велес во катастрофална состојба – „Луксор Оптик“ нов закупец, најавува обемна санација и отворање летово

По електронското јавно наддавање што го спроведе Општина Велес, скопската фирма „Луксор Оптик“ стана нов закупец на Градскиот пливачки базен во Велес за наредните пет години. Сопственикот на фирмата, Љупчо Василевски, направил прв увид во состојбата на базенот и ја оценил како катастрофална.
Според неговите изјави, техничката опрема под базенот, каде што се наоѓаат пумпите за вода, е делумно украдена или уништена. Дозерите за хлорирање не функционираат, моторниот дел е во целосна нефункционална состојба, а делови од електричната инсталација се украдени или оштетени. Дополнително, се соочуваат со сериозен проблем со протекување на вода од долниот дел на базенот, за што веќе се жалеле и жителите од соседните куќи. Според Василевски, ќе биде потребно комплетно испуштање на водата и потенцијално скапо заварување со аргон за санација на оштетувањата.
-Оваа состојба е разочарувачка и крајно алармантна. Не само што е уништена опремата, туку и целиот објект – тоалетите, соблекувалните и придружните простории – се во речиси целосно руинирана состојба. За нив ќе треба целосна реконструкција и набавка на нова опрема, објаснил Василевски.
Новите закупци имаат амбициозен план базенот да биде подготвен за работа веќе до крајот на јуни или почетокот на јули, иако, како што велат, постапката за избор на закупец се одвивала премногу доцна во однос на летната сезона.
-И покрај доцнењето, ќе вложиме големи човечки и финансиски ресурси за базенот да проработи навреме, бидејќи граѓаните го заслужуваат тоа – базенот е единствено место за разладување и рекреација во летните горештини, нагласи Василевски.
Фирмата „Луксор Оптик“ ќе плаќа месечна закупнина од 81.634 денари за трите летни месеци, додека за останатиот дел од годината ќе се плаќа симболичен надомест од 3.000 денари месечно. Тие беа единствени понудувачи, поради што Општина Велес ја намали првичната цена на закупот во согласност со методологијата за процена на пазарна вредност на недвижен имот.
Според првичната проценка на Василевски, за целосна санација и ставање на базенот во функција се потребни најмалку 100.000 евра. Сепак, тој изрази решеност дека и покрај предизвиците, базенот ќе биде ставен во употреба оваа летна сезона, во корист на граѓаните на Велес.
Дума.мк
