Многу скоро Вардар кај Ногевци повторно ќе се мине по мостот!
Новите носачи се скоро готови а се бројат денови до нивната монтажа.
Жителите на селото Ногаевци многу скоро ќе можат да се движат пеш по мостот на Вардар, кој токму пред две години го однесе надојдениата вода во реката. „Гранит“ интензивно работи на поправката на мостот. Градежните работници се соочуват со проблеми бидејќи расне нивото на реката. Сепак се работи на бетонирање на носачите.
“До крајот на годината ќе бидат поставени новите носачи кои се работат во бетонската база на Гранит во Неготино. Тоа ќе значи дека граѓаните ќе можат пеш да поминуваат по мостот. Не зависат работите многу од нас. Како градоначалник и совет ја прфаќаме вината но, мора да признаеме дека често имаме проблеми со изведувачите. Градежните фирми знаат да склучат договори, одеднаш, за повеќе објекти и во трка со времето да заборават на дел од обврските.. Ветував пред граѓаните дека порано ќе се заврши со работите на мостот но, имавме проблеми кои во меѓувреме ги надминавме и ако се продолжи со ова темпо Ногаевчани за кратко време ќе можат да го користат мостот“, рече градоначалникот на Градско, Глигур Коцев.
Две години жителите на селото Ногаевци во општина Градско се отсечени од општинскиот центар и од регионалниот пат. Тогаш зголемениот водостој на реката Вардар откина парче од бетонскиот дел на средината на мостот. Се до денеска жителите на ова село се приморани да користат заобиколен и подолг пат за да стигнат во административниот општински центар или при патувањето кон Велес, Скопје, Прилеп и Гевгелија.