Триста ногаевчани отцепени од светот!
Надојдениот Вардар го урна висечкото мовче, властите молат за трпение додека не се смали нивото на реката.
Ногаевчани ги подели надојдениот Вардар. Висечкото мовче ноќва го однесе водата, големиот мост што се санира сеуште не е готов и е преполовен. Седумдесет годишниот Тодор Панов чија куќа е на едната страна од реката раскажува за маките на неговите соселани.
„До сега им помагав преку мовчето кога носеа стока. Но, од утрово не можам оти секоја врска меѓу нас е прекината“, рече Панов.
Ниту екипата на Дума.мк не можеше да стигне од другата страна до селото. Поголемиот дел од жителите кои останаа на спротивната страна преку телефон се пожалија.
„Страв ни е дека и старите столбови од големиот мост кој се санира ќе се урнат, па се што се градеше до сега ќе биде залудно. Децата отидоа на школо, но како ќе се вратат не знаеме. Ниту ние не ќе можеме да отидеме на работа“, рече Димко Андоновски.
Градоначалникот на Градско, Глигур Коцев ја разбира маката на селаните, но им порача да одат по алтернативниот пат преку селото Кочилари. Сепак признава дека и тој е во катастрофална состојба.
„Ги молам да се стрпат уште еден месец за кога фирмата Гранит ветува дека ќе биде готов мостот. Знам дека патот преку Кочилари е лош, но ние се обидовме да санираме колку што можеме“, вели Коцев.
Во меѓу време стопирани се и градежните работи на мостот. Работниците велат дека кога ќе има услови ќе им помогнат на мештаните.
„Ќе им изградиме скеле исто како она што се урна утрово, но ќе мора да почекаат додека да се симне нивото на реката. До тогаш и ние не можеме ништо да работиме иако и нас ни треба да префрламе материјали од другата страна“, вели работник на Гранит.
Триста жители на Ногаевци сега треба да патуваат и по дваесет километри подолгиот пат исполнет со дупки и кал. Така се мачат веќе две години од кога надојдената река го урна мостот кој ги поврзуваше. Иако ветувањата беа дека веднаш ќе се санира, тоа до сега не се случи. Рокот кој го имаше Гранит кој е изведувач на работите измина во септември минатата година.