ФОТО:Ногаевчани можат да здивнат, мостот конечно е прооден!
Привршува реновирањето на мостот кој го поврзува селото Ногаевци со цивилизацијата, после две и пол години откако надојдениот Вардар го урна мостот.
Изолација и асфалт недостигаат на мостот кој се санираше повеќе од две години за и официјално да биде пуштен во употреба. Двата носечки столба се готови, додека останатата конструкција на мостот e иста.
Сепак ногаевчани се движат по мостот, пешки и со возила, и се среќни што конечно се поврзани со железничката пруга и патот кој води кон Велес и Градско. Маките кои ги преживеаја во изминативе години се зад нив и велат дека конечно земјоделските производи можат да ги носат на пазар по санираниот мост.
Инаку пред две и пол години попуштија столбовите на мостот под налетот на огромни дрвја кои ги донесе надојдената река. По ова жителите останаа отсечени од светот, па мораа да го користат патот преку Кочилари кој е во катастрофална состојба, додека за да ја пренесуваат стоката на пазар сами си изградија импровизирано мовче.
Поминаа вистинска голгота додека да се реновира мостот кој за нив значеше живот./Б.Н.