Хуманитарна акција во Велес: Донирај училишен прибор за ученици од социјално загрозени семејства

Објавено: 27 август, 2025, во 10:30 часот

Црвен крст Велес организира хуманитарна акција за донација на училишен прибор под мотото „Донирај училишен прибор“, со цел да се помогне на ученици од социјално загрозени семејства да започнат со насмевка и достојно новата учебна година.

Акцијата ќе се одржи во понеделник, на 1 септември, во периодот од 16:00 до 18:00 часот, спроти влезот на Гимназијата „Кочо Рацин“ во Велес.

Сите заинтересирани граѓани можат да ја покажат својата хуманост и да донираат тетратки, моливи, боички, гуми, пенкала, ранци и друг основен училишен прибор кој може да им помогне на учениците полесно да го започнат новото поглавје во нивното образование.

-Секое дете заслужува еднаков почеток, без разлика на економската состојба на неговото семејство. Затоа ја организираме оваа акција на којашто веруваме дека ќе се приклучат поголем број на граѓани. Со мала донација, можеме да направиме голема разлика во животот на едно дете, за Дума.мк изјави Александра Илиевска од велешкиот Црвен крст.

Оваа акција е само дел од континуираните напори на Црвен крст Велес да обезбеди поддршка на ранливите категории граѓани и да ја поттикне солидарноста во заедницата.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.