Игра, песна и многу насмевки на првиот училиштен ден во велешкото основно училиште „СВ. Кирил и Методиј“ (фото и видео)

Објавено на 1 септември, 2022 во 12:31
Фото: Свечен пречек на првачиња во „СВ. Кирил и Методиј“ Велес

После три месечниот летен распуст, денеска, првите училишни ѕвончиња силно заѕвонеа со што се одбележа почетокот на новата учебна година. Сите ученици ова утро, одморени од летните лудории, повторно седнаа во своите училишни клупи со цел да го надополнат своето знаење. Но, меѓунив се и оние коишто за прв пат влегуваат во својот училиштен двор и училници кадешто ќе го поминуваат своето време дружејќи се со своите нови другарчиња но и учејќи нови работи. Шеесет првачиња распределени во три паралелки, денеска, го започнуваат своето образование во најстарото велешко училиште „СВ. Кирил и Методиј“. Дотерани, среќни, возбудени и малку уплашени, сите првачиња се упатуваа кон својата наставничка и се запознаваа со новите другарчиња.

Фото: Свечен пречек на првачиња во „СВ. Кирил и Методиј“ Велес

Директорката на училиштето Маја Јовановска рече дека чуствува голема радост и среќа за новата генерација на првачиња и им вети дека сите заедно, колективно, ќе придонесат тие да се чуствуваат пријатно и среќно.

Фото: Директорка на основно училиште „СВ. Кирил и Методиј“ Велес

– Драги првачиња денес станувате ученици и почнувате да го живеете најубавиот период од вашиот живот. Пред вас е еден долг пат но на самиот крај ќе се стекнете со двете животни задоволства и тоа од една страна знаењето а од друга страна другарството. Знаењето ќе ви го подарат вашите наставници  коишто ќе ве сакаат од срце, ќе ви помагаат околу училишните задачи и ќе придонесат да се изградите себе и својата иднина. Тие исто како и вашите родители ќе се радуваат на сите ваши успеси и добиени награди од натпревари, додаде Јовановска.

Фото: Градоначалник на Општина Велес Марко Колев

Меѓу присутните беше и градоначалникот на Општина Велес Марко Колев којшто ги поздрави првачињата и им посака многу успех во новата учебна година.

-Драги првачиња пред се сакам да ви посакам многу здравје, среќа и успех. Вака го личи нашиот град, вака ги личи и училиштата полни со насмеани деца но и родители. Да ги заборавиме лошите денови коишто се веќе зад нас и никогаш да не се повторат. Овој први септември нека донесе многу радост за сите нас, додаде Колев.

Фото: Свечен пречек на првачиња во „СВ. Кирил и Методиј“ Велес
Фото: Свечен пречек на првачиња во „СВ. Кирил и Методиј“ Велес

Свечениот пречек за новите другарчиња дополнително го разубавеа и повозрасните ученици коишто придонесоа првачињата да се чуствуваат пријатно и добредојдено. Преку песна, игра и глума ги забавуваа родители и учениците и предизвикаа безброј насмевки но и аплаузи. Исто така, тие на сите првачињата им поделија сокче и благо за добар почеток на новата учебна година.

Фото: Свечен пречек на првачиња во „СВ. Кирил и Методиј“ Велес

Инаку, основното општинско училиште „СВ. Кирил и Методиј“ има шест првачиња коишто учат во подрачното училиште во село Црквино.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.