Институциите почнаа да реагираат за случајот со врсничко насилство во училиштето во Градско
Се работи на расветлување на случајот со врсничкото насилство во основното училиште во Градско што вчера го објави Дума.мк. Институциите започнаа да ги спроведуваат законските обврски.
Додека денеска во ООУ„Даме Груев“ директорката Таца Дукова и психологот ни ги соопштија превземените чекори од нивна страна, во домот на 14,5 годишното момче, жртва на врсничко насилство, пристигна тим на Центар за социјални работи Велес.
Директорката Дукова и училишниот психолог, информираа дека за врсничкото насилство, што се случи на 11 ноември, годинава, биле информирани три дена подоцна. Нив лично ги информирал родителот на ученикот жртва. Училишниот психолог, која не сакаше да биде објавена со име и презиме, тврдеше дека веднаш ги повикале на разговор посочените ученици за насилството и нивните родители и разговарале за евентуално прекршување на правилата на училишниот живот. Во папката со документи евидентирани им биле сите записници од превземени активности за опсервација на целата ситуација како и два записници од одржани состаноци на Наставнички совет. Колку што можевме да видиме, од архивските заверки, Наставничкиот совет првиот состанок го одржал на 18 и вториот на 25 ноември, годинава. Психологот тврдеше дека на првиот состанок Наставничкиот совет дал предлози додека на вториот донел одлука за изрекување на педагошки мерки за преместување во друга паралелка и за намалување на поведението на учениците кои се причинители на врсничкото насилство. Во исто време негираше дека била донесена одлука за преместување на ученици во подрачното училиште во Виничани.
„Педагошките мерки писмено се доставени до родителите, старателите и во моментов тече времето за приговор до Училишниот одбор. Истовремено со изрекување на педагошките мерки училиштето формираше тим за поддршка кој ќе работи со родителот, односно старателот, ученикот, наставникот и паралелката со цел надминување на проблемот,“ гласи официјалниот став на училиштето.
Според психологот додека разговаравме, во училиштето, исто така се вршеле разговори со родителите на двајцата ученици, кои го извршиле врсничкото насилство. Наставничкиот совет донел одлука тие да продолжат да учат во училница што се наоѓа во административниот дел на училиштето додека ученикот жртва во својата училница во соседниот дел на објектот.
Пред да се сретне со тимот на Центарот за социјални работи Велес, родителот И.Т, ни изјави дека денеска, по 18 дена од пријавувањето на случајот во институциите, можел да се надева на разрешница што би била полезна како за неговото дете така и за останатите двајца малолетници кои учествувале во булингот.
„Она што најискрено го посакувам е расветлување на случајот. Како семејство да се справиме со траумата на моето дете и тоа да не се откаже од целта да биде одличен ученик, добар човек и образован граѓанин,“ додаде И.Т.
Но неговиот син сеуште не ја донел конечната одлука дали ќе му се врати на училиштето во Градско.
Во ставот, што денеска, го доби Дума.мк од Министерството за труд и социјална политика пишува дека Центар за социјални работи Велес на 12 ноември, 2022 година, добил известување од СВР Велес за примена поплака од родител на 14 годишно дете која се однесува на физичко и психичко малтретирање од страна на негови врсници. Стручнен тим, составен од психолог и педагог , веднаш имал индивидуален разговор со детето, а потоа и со таткото.
“Во текот на разговорот, детето потврдува дека подолго време е предмет на исмејување од страна на неговите соученици и булинг. По завршување на разговорот со детето, реализиран е разговор со таткото, кој е информиран за текот на разговорот со детето, како и за другите постапки и дадени се насоки за понатамошно постапување. Информиран е исто така, дека МВР ќе испрати и известување до Центар за социјални работи Велес за настанот и дека ќе бидат повикани на разговор. Во овој момент сеуште се работи на овој случај, и согласно известувањето од МВР, контактиран е родителот на детето, договорена е средба и разговор. Со децата, посочени како сторители и нивните родители се води предмет како за деца во ризик, постапката е во тек и се преземаат сите стручно советодавни активности. По добивањето на предметот од МВР Велес, Центарот за социјални работи ќе постапи согласно Законот за правда на децата,“ соопштија од министерството.
Вчера Дума.мк во приказната Првенец на генерација изложен на булинг во училиштето во Градско објави дека 14,5 годишно момче во два наврати од двајца соученици било изложено на врсничко насилство во ООУ„Даме Груев“ во Градско. Булингот завршил со искинат долен веш и гребаници откако претходно негови училишни материјали биле уништувани или фрлани низ прозорец како и бил удиран со фиски по главата.
Убавка Јаневска