Измамена Кавадарчанка со околу 30 илјади денари преку лажна смс порака за сообраќајна казна
Објавено: 22 јануари, 2026, во 13:38 часот
Четириесет и три годишна Кавадарчанка, вчера, во 15:45 часот, пријавила дека ден претходно била измамена за сума од 29.930 денари.
-Според пријавеното, на нејзината електронска адреса добила лажна порака во име на Оддел за моторни возила при МВР за сторен сообраќаен прекршок и со насоки за електронско плаќање на казната, по што се регистрирала според дадените инструкции и ги оставила своите лични податоци. Таа подоцна добила известување дека од нејзината банкарска сметка бил извршен одлив на парични средства и сфатила дека била измамена. Се преземаат мерки за расчистување на настанот,соопшти Ана Милевска Георгиева портпаролка на Сектор за внатрешни работи Велес.
Од МВР соопштуваат дека се преземаат соодветни мерки за откривање на сторителите и целосно расчистување на случајот.
Надлежните институции повторно апелираат до граѓаните да бидат внимателни, бидејќи во последниот период е регистриран зголемен број фишинг напади преку лажни СМС и е-пораки, веб-страници и профили на социјалните мрежи. Измамниците најчесто се претставуваат како официјални институции и користат лажни линкови поврзани со системот „Безбеден град“, со цел да ги наведат граѓаните да извршат неосновани уплати.
Убавка Јаневска


