Јанчев: Интересот на бизнис секторот не смее да биде пред здравјето на граѓаните
Брза реакција на надлежните институции, доколку треба и промена на законската регулатива, побара денеска на прес конференција градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, по објавените информации за користењето на 2500 тони месечно отпадно масло, како мазут, во Еурониел индустри.
„Не смееме, да дозволиме интересот на бизнис секторот да биде пред здравјето на граѓаните. Со увозот на отпадно гориво кое е забрането во ЕУ, а кај нас се увезува како мазут и се употребува, а знаејќи дека тоа има смртоносни последици, некој мора да сноси одговорност. Ги повикувам надлежните институции Министерство за економија, Државниот пазарен инспекторат, Министерството за животна средина како даватели на интегрираната еколошка А дозвола, Царинската управа и Инспекторатот за животна средина да ги испитат изнесените информации и докази во емисијата и да постапат согласно своите надлежности доколку има било какви пропусти“ рече Јанчев.
Тој посочи дека неговата реакција на оваа тема е откако го погледнал видеото насловено „Заговор против воздухот“ направено од ИРЛ и изнесените податоци и информации во ова новинарско истражување.
“ Една толку голема и гигантска компанија како што е Еуро никел Кавадарци со над 1000 вработени, нејзините менаџери имаат одговорност пред се за безбедноста на своите вработени, нивните фамилии и имаат одговорност за целото население во Општина Кавадарци. Затоа е потребно Еуро никел да преиспита со кои компании соработува, какви суровини согорува, колку се професионални фирмите со кои соработува и дали ги превзема сите мерки за заштита на животната средина . Јас сум свесен дека многу семејства егзистираат од оваа комапнија и компанијата има значајна улога во развојот на стопанството во нашата општина, но животот и здравјето на жителите на општина Кавадарци секогаш треба да биде на прво место“ рече Јанчев.
Посочи дека податоците од мерните станици за мониторинг на воздухот, поставени во Кавадарци во повеќе наврати давале сомнителни податоци околу ПМ 2,5 и ПМ10 честичките кои биле изразени во различни временски интервали.
Ангел Данов