Јубилејниот, петти, Театарски фестивал „5РЕ“ во Велес започнува на 27 Март, влезниците во продажба од понеделник
Објавено: 16 март, 2026, во 13:45 часот
Премиерното прикажување на претставата „Тестостерон“ во режија на Синиша Ефтимов и настапот на актерите на велешки Театар „Џинот“ ќе го отворат јубилејното издание на театарскиот Фестивал „5РЕ“, посветен на доаенот на македонското глумиште и на велешанецот Петре Прличко.

Фестивалот ќе трае до 8 април и ќе бидат прикажани вкупно девет театарски претстави од кои две на странски театри, од Подгорица во Црна Гора и од Врање, во Србија. Поради големиот интерес на публиката претставата „Тестостерон“ ќе биде прикажана и репризно, на 28 март или наредната вечер по премиерата и свеченото отворање на фестивалот, соопшти Ненад Витанов. Тој исто така додаде дека влезниците за претставите на фестивалот по цена од 300 денари ќе бидат пуштени во продажба во понеделник, на 23 март, во 10:00 часот и нема да има можност за резервирање.
Градоначалникот Марко Колев, на денешната прес конференција, соопшти дека и годинава Фестивалот „5РЕ“ се одржува со финасиска поддршка на Општина Велес вредна 800.000 денари и на Министерство за култура од 408 000 денари. Организатор на фестивалот е Здружение на граѓани „Плуспублика“.
Фестивалот, исто како и минатата година, ќе ги додели наградите за најдобра претстава, за режија, за машка и за женска улога, за споредна машка и за женска улога како и награда на публиката. Секако ќе се додели и наградата за „Животно дело“. Годинешни членови на фестивалската Жири комисија се Зорица Панќиќ, минатогодишната добитничка на наградата, Владимир Пулиев – актер и Елеонора Теова –режисерка.
Убавка Јаневска


