Кавадаречката градинка нема капацитет за прием на нови дечиња
Кавадаречката градинка “Рада Поцева“ веќе подолг период се соочува со недостаток на слободни места за прием на нови дечиња. Во последниве неколку години е присутен трендот на зголемени барања за упис на кои што градинката неможе да одговори.
Според директорката на градинката, Снежана Ганчева, потребите се огромни, а малиот капацитет на објектот одамна не е во можност да ги овозможи потребните услови. Единствен излез се гледа во оспособување нови капацитети, но сето тоа засега останува неизвесно.
“Предучилишното воспитување е можеби најзначајниот дел од образованието, а за тоа да биде квалитетно и во рамки на модерното образование, мора да се почитуваат критериумите и дозволениот капацитет“, вели Ганчева.
Годинава ќе нема упис за нови дечиња во Детската градинка „Рада Поцева“ во Кавадарци доколку Министерството за труд и социјална политика не одговори позитивно на барањето на кавадаречката градинка за нови простории.
„Ако Министерството одговори позитивно на нашето барање, ќе биде добро, но доколку добиеме негативен одговор, за жал, ќе мораме да одбиеме голем број барања, или, едноставно, да го прескокнеме уписот за нови дечиња. Продолжуваме со работа со повеќе од 100 деца од дозволеното, поголема бројка не може ни да се замисли, бидејќи така би опаднал и квалитетот на услугите“, нагласува Ганчева.
Стартот на новите простории во рамки на градинката во делот на ОУ „Гоце Делчев“ се’ уште е неизвесен. Засега нема информации од надлежните кога овој капацитет ќе биде целосно подготвен за да се пушти во употреба. Директорката во ваква ситуација единствениот излез го гледа во прераспределбата по воспитни групи.
За решавање на проблемот со немањето слободни места во кавадаречката градинка размислува и локалната самоуправа, од каде што велат дека единствено што може во овој момент да се направи е како со градинката „Гоце Делчев“, каде што се догради простор од 200 квадрати. Се планира адаптација и на спомен-домот во селото Ваташа и отворање нов клон. Со тоа би се растоварил метежот во останатите клонови од градинката „Рада Поцева“.
„Независно од тоа што општина Кавадарци е влезена во програмата на Владата за изградба на нова градинка, ние не можеме да чекаме тоа да се случи во 2014-2015 година и токму поради тоа новата транша од кредитот од Светска банка ќе биде искористена за изградба на нова детска градинка“, гласи ставот на првиот кавадарчанец.
Брзо решавање на проблемот со зголемување на капацитетот на деца во кавадаречката градинка најави и Министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски, кој деновиве беше во работна посета на Кавадарци.