Кавадарчани ги развесели зеленилото ама во 3D верзија!
Атмосверата во градот на лозарите ја подгреа почетокот на изградбата на Алејата на великаните.
Овој атрактивен парк кој ќе ги донесе природните бели дробови во центарот на градот истовремено ќе биде место на почитта на Кавадарчани за нивните паднати херои. Општинските архитекти се автори на идејното решение кое опфаќа две нивоа на паркот. На горното ниво ќе биде алејата каде на кружна основа ќе бидат поставени бистите на народните херои и борците од НОБ. Во проектот е вклопена и старата фонтана околу која ќе бидат поставени клупи за одмор. Второто ниво е предвидено како мултимедијален центар каде ќе се постават два мали обеликса со симболи на Кавадарци, шеталиште со одморалиште,а на влезот од страната на кејот ќе биде изградена и бина која ќе служи за најразлични манифестации.
3D проектот во реалноста ќе го заживее кавадаречка градежна фирма. Веќе се поставени павер елементи на 30 скали од јужната страна, а ќе се вградат и 400 м2 гранитни коцки како и 200м2 бекатон плочки. Целиот простор ќе биде партерно и хортикултурно уреден.
“Реализацијата на овој проект ќе значи остварување на идејата за прибирање на бистите на хероите на едно место , со што истите ќе бидат заштитени од крадците и вандалите, додека граѓаните ќе добијат поуредено место. Градот ќе добие уреден простор за организирање на манифестации, особено за потребите на винскиот саем, кој е составен дел на Тиквешкиот гроздобер.
Проектот чини 2 милиони денари, пари што од сопствениот буџет ги обезбеди општината.