Се легализира земјоделската механизација!
Нерегистрирани трактори и приколки не ќе смеат да се возат по улиците во Кавадарци и Росоман.
Ако сакаат да се спасат од казните кои изнесуваат од 500 до 2000 евра земјоделците нив не ќе можат да ги возат на диво ниту по локалните и регионални патни правци. Легализацијата е обврска според измените во законот за возила а постапката ќе трае до октомври, наредната година, објаснуваат од судот во Кавадарци.
“Судот доби надлежност да води постапка за утврдување на статусот на тракторите и тракторските приколки. На почетокот сме а граѓаните покажаа интерес. Сите сопственици кои немаат доказ за сопственост ќе мора да се обратат до судот и со поднесување на барање да иницираат отпочнување на постапка, ќе им ги дадеме сите потребни објаснувања штом се јават кај нас“ рече претседателот на судот, Зоран Јосифовски.
Тој апелира за да се избегнат гужвите граѓаните кои имаат потреба да извршат легализација да не го чекаат крајниот рок туку веднаш да ја започнат постапката.
Сопствениците на трактори и тракторски приколки треба да приложат доказ за сопственост односно фактура, договор за купопродажба или наследно решение. Оние кои возилото и придружната механизација ги добиле како наследство треба да приложат решение од вонпарнична судска постапка.
Во документите кои се доставуваат на судот мора да се наведат идентификациски податоци како што се марка, тип, број на шасија и мотор и година на производство на тракторот..