Стока од еден милион изгоре во печката на “Фени“!
36 илјади парчиња фалсификувана трговска стока за која било утврдено дека ги повредува правата на интелектуална сопственост изгореа во печката на “Фени индустри“.
Вредноста на стоката што се уништи се проценувана еден милион евра, а гореа патики, тренерки, делови за автомобили и делови за мобилни телефони. Царинската управа на Македонија ја спроведе акцијата со застапниците на трговските марки регистрирани во земјава.
“Станува збор за реномирани трговски марки чии права се повредени како барбери, адидас, најк, пума, зара, лакоста и многу други. Текстилни производи, обувки, авто делови, додатоци за мобилни телефони. Царинската управа настојува да ги заштити пазарот, потрошувачите, здравјето и безбедноста на луѓето, буџетот и општеството во целина. Согласно на Законот за царински мерки за заштита на права од интелектуална сопственост уништувањата се организираат од застапниците на трговските марки “- рече Сања Методиевска началник на одделение за нетарифни мерки во Царинската управа.
Во печката на “Фени индустри“ по втор пат се уништува фалсификувана стока. Првиот пат акцијата имаше хуманитарна димензија. Парите од извршената услуга ќе бидат повторно искоистени за донација и помош во заедницата.
“Уплатените средства од страна на застапниците на брендовите минатиот пат ги искористивме за донирање на креветчиња во детската градинка во Неготино. За парите од оваа акција дополнително ќе размислиме но секако ќе ги донираме како што впрочем имаме и други донаторски акции“ рече директроката на логистика во “Фени“, Анастазија Илкачева. Таа нaгласи дека ваквата акцијата е во согласност со политиката на “Фени индустри” за општествена одговорност“.