Вируси нападнаа по најмладите!
Зимски вируси кои предизвикуваат дијареа ги нападнаа малите деца.
Во Кавадарци секојдневно се зголемува бројот на заболени, информира началникот на детско одделение при кавадаречката општа болница, прим. д-р Лидија Димитрова. Таа објаснува дека во последните два месеца нивниот оддел бил преполн. Се случувало во еден момент да има и по 35 деца згрижени поради заболувања од вирусот, а во последните два месеца на нивниот оддел биле згрижени вкупно 145 деца. Поради зголемениот број на заболени бил активиран и одделот “Б“
“Овие вируси можат да предизвикаат за жал и доста лоша клиничка слика. Во светот веќе се дава вакцина против рота вирусот кој е најчест причинител на проливи во раната детска возраст. Покрај тоа што го напаѓа цревниот тракт рота вирусот го напаѓа и респираторниот тракт така да имаме комплетно болни деца. Ретко кое од децата избегнува да не му биде зафатен и вториот тракт, да остане само со проливи или само со инфекција на дишните патишта и тоа обично бронхопневмонии. Едни легнуваат, други стануваат. Ова се случува особено во нашиот регион. Во општините Кавадарци, Неготино, Росоман и Демир Капија има зголемен број на болни од оваа вироза. Според моите сознанија во некои други болници вирусно болни има помалку“ рече д-р Димитрова.
Препораката на лекарите до родителите е децата да ги чуваат понастрана од настинати луѓе и за време на празниците да се избегнуваат масовни собирања како одлична можност за ширење на вирусите.