Осветена реновираната црква Свети Димитриј во Кавадарци
Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на архиереи и бројно свештенство на Македонската православна црква денеска го изврши чинот на осветување на Црквата посветена на Светиот великомаченик Димитриј во Кавадарци, која е целосно реновирана.
Потоа се остслужи Света Божествена Литургија на која присуствуваа голем број верници, а на која претходеше доделување на ордени од МПЦ на заслиужни граѓани кои го помогнале реновирањето на храмот.
Црквата „Свети великомаченик Димитриј“ во Кавадарци е изградени во 1834 година, со скромни можности за тоа време, а сега на старите темели се изгради целосно нов храм, кој доби и целосно нов фрескоживопис, како и нов иконостас и икони.
Целиот проект беше изведен со средства од Повардарската епархија, со помош на општина Кавадарци, како и донации од фирми и верници. Фреските на иконостасот се дело на тајфата „Свети Наум Охридски“ кои со својата боговдахновена вештина направија ремек дело.
„Од срце посакувам овој велелепен храм да биде секогаш полн со народ, во него да бараме средба со нашиот Бог, во него да се молиме за сите наши потреби и во него да му благодариме на Бога за сите наши радости и успеси“ порача Митрополитот Повардарски Агатангел.
Целосната градежна обнова на црквата Св. Вмч. Димитриј започна во мај 2016 година. Во првата фаза, од црквата беше отстране источниот ѕид за да може да се работи внатре. Беше отстранет кровот и беа излупени ѕидовите. Новиот проект за црквата го изработи архитектот Благој Здравев од Штип.
Поставена е армирано-бетонска конструкција. Столбовите се залепени за ѕидовите со затезни греди и ја држат кровната конструкција, која што е од надвор како крст, на средина со осмоаголна купола. Внатрешните сводови ја прават црквата многу акустична. Во црквата е инсталирано подно греење. Од надворешната страна е ѕидана со камен и декоративни тули, со транзени и има прекрасен изглед.
Aнгел Данов