Колегите за Самоил Стојановски: „Кога умира глумецот умираат ликови, сите возможни поделби на улоги, се гаснат рефлекторите, се откажуваат претстави ….“(видео и фото)

Сопругата Емилија со синот Ведран, членови на семејството, колеги, Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, директорот на велешки театар Жарко Спасовски, претставници на Синдикатот на културни работници на Македонија, пријатели, граѓани кои се почитувачи на уметноста што со децении ја создаваше глумецот Самоил Стојановски на штиците што живот значат, денеска, присуствуваа на Комеморативна седница и му оддадоа заслужена почит на прерано починатиот актер. Комеморацијата се одржа на малата сцена на Народен театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот во Велес.

Откако му оддадоа почит со едноминутно молчење, неговите колеги од велешки Театар низ солзи и со растреперени гласови ја раскажаа професионална приказна на актерот со кого создаваа уметност, делеа добри и лоши моменти, беа другари и пријатели додека професионалните фотографии, видеа, изговорени реплики или дадени изјави на Стојановски се емитуваа на видео бим.
И никој не остана рамнодушен на обраќањето на синот на Самоил, Ведран, кој кажа со колкава љубов неговиот татко и се посветувал на професијата.
Крајот на Комеморативната седница го одбележа аплаузот, долг и последен, со којшто сите присутни го испратија Самоил Стојановски во вечноста.


Глумецот Самоил Стојановски ненадејно почина во понеделникот на 3 март, годинава. Неговите посмртни останки беа погребани ден подоцна, во вторникот, 4 март на Градски гробишта „Бутел“ во Скопје или градот во кој живееше со семејството.
Убавка Јаневска
