Колев: Некои политичари, кои сега се во политичка пензија, свесно ги лажеле велешани за затворениот Пливачки базен (видео)
Објавено: 24 април, 2026, во 12:33 часот
Проект има, кој што се пресликувал од град во град во Македонија, но Велес немал маркица која според Детален урбанистички или Генерален урбанистички план би овозможила изградба на затворен Пливачки базен гласеше одговорот на Градоначалникот Марко Колев на новинарско прашање за министерот за спорт Борко Ристовски, при минатонеделната негова посета на Градски фудбалски стадион „Зоран Паунов“. Колев, за овој капитален објект инаку одамна баран од голем број на граѓани, особено од спортисти како и спортски работници, досегашните ветувања од страна на политичарите, притоа алудирајќи на поранешната власт а сега опозиционери од СДСМ, ги нарече „лаги испорачани од политичари кои сега се во политичка пензија“.
-На тоа што одредени политичари ги лажеле граѓаните дека има маркица треба да им ја кажеме вистината дека затворен Пливачки базен во Велес не можел да се изгради. Кога ќе го смениме Генералниот план, а сме во постапка на менување, ние ќе уцртаме затворен базен и тогаш можеме да побараме од Министерство за спорт негова изградба за сега да не го доведуваме во непријатна состојба, одговори Колев.
Тој додаде дека сега требало да им се кажеме на граѓаните дека кај актуелните Влада, министер, министерство, пратеници, Совет и градоначалник имало желба за изградба на затворен Пливачки базен но до него единствено да се дојде со почитување на закони, прописи и процедури.
-Многу ми е битно мене да им кажеме на граѓаните дека некои политичари кои сега се во политичка пензија ги лажеле свесно граѓаните дека има маркица и дека има обезбедено документација за таа работа. Во едно време, на претходни Влади, јас видов и фиктивни Одлуки се со цел да се добие глас повеќе. Ние нема да го правиме тоа, додаде Колев.

Министерот Ристовски се огради од поставеното новинарско прашање со тоа што рече дека немал такви информации.
Според Ристовски доколку барање поднесе Градоначалникот Колев тогаш Министерството за спорт ќе го ставело во програма за реализација.
Убавка Јаневска



