Конституиран новиот Совет на Општина Лозово
Објавено: 12 ноември, 2025, во 13:54 часот
Во салата на Општина Лозово се одржа првата, Конститутивна седница на Советот, на која беа верификувани мандатите на осуммина од вкупно девет советници. Од нив, тројца се од ВМРО-ДПМНЕ, двајца од СДСМ, еден од Левица, еден независен, еден од Турската партија и еден од ЗНАМ.
На членот на Советот од ЗНАМ, Горанче Велков, не му беше верификуван мандатот за советник поради тоа што неговата сегашна функција како директор на ООУ „Методија Митески Брицо“ не дозволува вршење на друга функција. На негово место треба да се верификува вториот кандидат од листата на ЗНАМ.
Седницата ја водеше најсвозрасниот советник, поточно Сузана Јовановска Илиева која е независен кандидат.
Градоначалникот Бошко Цветковски, кој го освои својот втор мандат, им честиташе на советниците за верификувањето на мандатите и ги потсети на изборната програма, нагласувајќи дека треба да се придржуваат кон неа за реализација на проекти во интерес на жителите и развојот на Општина Лозово.
Следната седница на Советот е планирана за во петок, 14 ноември, годинава .
Стефани Манева


