Косовски криумчари бегајќи од полиција ја оштетиле рампата на патарина во Градско

Објавено: 1 август, 2025, во 13:38 часот

Наплатната рампа во Градско била оштетена синоќа околу 22:30 часот, за време на полициска потера по возило „фолксваген кеди“ со косовски регистарски таблички, во кое биле пронајдени осум мигранти од Народна Република Кина.

Возилото, управувано од 24-годишниот Г.Л. од Косово, со совозач 18-годишниот Б.Л., не застанало на знак за запирање на автопатот Градско–Скопје, по што започнала потера од страна на полициските служби.

Додека се обидувал да избега, возачот со возилото ја оштетил наплатната рампа во Градско, а потоа и во Петровец, при што предизвикал и сообраќајна незгода, удирајќи во „опел инсигниа“ со странски ознаки и мотоцикл со македонски таблици.

На клучката Приштина на обиколницата околу Скопје, возилото излетало од патот, по што возачот физички нападнал полициски службеник во обид да побегне, но бил совладан и приведен. За време на интервенцијата, полицијата употребила предупредувачки куршуми, при што нема повредени лица.

Приведените се задржани во полициска станица, додека мигрантите се сместени во транзитен центар. По целосна документација на случајот, Одделението за прекуграничен криминал, странци и реадмисија при РЦГР Север ќе поднесе соодветна пријава.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.