„Кристал 1923“ денеска беше домаќин на 15 ученици од ДСУ „Коле Неделковски“, ги запозна со производството на компанијата
Објавено: 11 март, 2026, во 13:48 часот
Во рамки на посетата, директорката на производство Олгица Стојанова на учениците од угостителска и машинска струка детално им го претстави технолошкиот процес на работа, почнувајќи од приемот и обработката на суровините, па сè до финалното производство и пакување на готовите производи на велешки „Кристал 1923“. Учениците имаа можност одблизу да се запознаат со процесите на производство и пакување на масло за јадење, маргарин, како и со работата на кондиторската линија.

-Овие производи не само во државата туку и надвор од неа се доволно добро познати на сладокусците кои секојдневно ги употребуваат во подготовка како на традиционални јадења така и на специјалитети. На учениците им презентиравме како од суровина низ производен процес во фабриката се произведуваат маслото за јадење и маргаринот со кои раснеле генерациите, од нивни дедовци и баби преку нивните родители а сега еве раснат и тие бидејќи во нивните домови од производите се подготвува храна. Секако тие го видоа и производството на локум и алва кои со право го носат епитетот на уникатни македонски производи. Да напоменеме дека учениците имаа можност да се запознаат и со квалитетот како и со нутритивните вредности на овие наши производи, кои спаѓаат во групата на природни или здрави производи, рече Елена Лазова маркетинг директорка на “Кристал 1923“.


Преку ваквите едукативни посети, учениците имаат можност практично да се запознаат со индустриското производство, да стекнат нови знаења и да го поврзат теоретското образование со реалната работа во производствените капацитети. Посета претставува значаен чекор во поттикнувањето на соработката помеѓу образовните институции и стопанството, со цел поддршка на младите во нивниот професионален развој.

Според професорите Христина Трајкова, Марјан Малинов и Влатко Панов на ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ во текот на утрешниот ден тие ќе бидат домаќини на дел од менаџерскиот и раководниот тим на „Кристал 1923“ за во училишниот Кабинет по угостителство заедно да подготвуват специјалитети со производите на велешката прехрамбена компанија.
Убавка Јаневска


