Израелец заинтересиран да ја купи винарската визба „Џумајлија“ и лозјата!
Фирма со израелски капитал ја пикирала визбата и лозовите насади на површина од 430 хектари на поранешниот агрокомбинат, но не се знае каде заглавила работата.
Извори од Џумајлија за Дума.мк ја потврдуваат оваа информција и тоа дека пред новогодишните празници дошол бизнисмен од Израел кој ја скенирал состојбата, а меѓу него и Тутунска банка во чија сопственост е сега визбата посредувал извесен човек од Хрватска. Преку фирма која ја регистрирале тука тие веќе го откупиле заостанатото грозје, но не успеале да се договорат за имотот на банката. Ветиле дека ќе се вратат на почетокот на годинава, но до сега тоа не се случило велат изворите. Информацијата за израелецот ја потврди и градоначалникот на Лозово, Орце Цветковски.
„Слушнав дека доаѓале тука и се интересирале за визбата, но сепак до сега никој не се обратил во општината за било каква помош или пак документација поврзана со имотно правните односи“, рече Цветковски.
Инаку винарската визба беше дел од земјоделски комбинат Џумајлија, но Тутунска банка ја презеде бидејќи претходниот директор Зоран Даневски ја стави под хипотека за земен кредит кој никогаш не го врати. Сега за она што остана од имотот е одговорна стечајната управничка Владица Ивановска. Според неа речиси готови се сите правни процедури и до почетокот на следниот месец таа се надева дека на продажба ќе го огласи имотот што преостана.
„ Ќе се продава во пакети распределени по видот на имотот како што се машини, механизација, трактори, додатна опрема. Пријавени се околу седумстотини физички и првни лица како доверители. Побарувањата се огромни, а имотот малку вреден. Не сакам да калкулирам со бројки бидејќи проценетата вредност на имотот и онаа при продажбата сигурна сум дека нема да се совпаѓаат“, вели Ивановска.
Според извори вклучени во стечајот земјоделците од Џумајлија нема да земат ниту денар иако имаат големи побарувања бидејќи не им било признато правото да за доверители. Управничката пак го негира ова и вели дека дел од нив не си ги наплатиле долговите па се впишани во списокот на доверители. Во меѓувреме државната земја која под закуп ја работеше комбинатот е дадена на лицитација, но и покрај најавите од министерството за земјоделство сепак засега официјално нема заинтересирана фирма за да работи 5 353 хектари обработлива површина.