Се ожени првиот стар ерген во Лозово откако општината донесе одлука за помош на неженетите и немажените
Педесет и две годишниот Станое Ангеловски, со својата избраничка, четириесет и четири годишната Блеринда Раволи, од Албанија, денеска пред новинарите и камерите го кажаа своето судбоносно „ да“ во матичната служба во општина Лозово. За нив тоа го овозможи градоначалникот на Лозово, горд што токму Станое и Блеринда, се првиот брачен пар кој ја користи субвенцијата од општината наменета за стари моми и ергени. Младоженците се среќни што добија 500 евра од општината. Станое ја раскажаа својата приказна како дојде до невеста од Албанија.
– Ја видов, кај Валона, кога со камион минував низ Албанија. Потоа следеа контактите. Они прво дојдоа да видат каде ја даваат, бараа да имам бања оти без изградена бања не идат тука. Сега Блеринда сака да работи тутун. И јас сум невработен. Ќе видам каква работа ќе ми понудат па ќе одлучам дали да ја прифатам, рече Ангеловски.
Тој и Блеринда незнаат дали ќе прават свадбена веселба. Сепак винаријата Лозар го исполни ветувањето и денеска им донираше 50 литри ракија и 100 литри вино.
– Невестата ќе има бесплатен медицински третман до првото породување. На еден од брачните другари му нудиме вработување како и пакет козметички препарати за невестата, рече директорката Тања Контевска.
Градоначалникот на Лозово е горд што за старите ергени во Лозово и во цела источна Македонија, носи невести од Албанија. Орце Цветковски вели дека од него помош веќе побарале градоначалниците од цела источна Македонија за и тие да го решат проблем во нивните општини. Во името на љубовта, а не за пари вели дека ќе им помегне.
– Мене ме знаат сите градоначалниците, се јавуваат и бараат контакт, потоа им давам врска и тоа натака е нивна работа. Неодамна ми дојде една туристичка агенција од Скопје и ми понуди да донесе два автобуси невести од Русија. Сега чекаме да го решиме тоа финансиски и се да биде по закон, рече Цветковски.
Пред еден месец Советот на општината составен од двајца советници од ВМРО ДПМНЕ, двајца од СДСМ и петмина независни ја донеле одлуката за еднократна парична помош за стапување во брак во висина од 500 евра. Тие се надевале дека мерката ќе го зголеми наталитетот во Лозово.
Но така не мислат сите жители во општина Лозово. Неколкумина кои гледаа што се случува во дворот на општината се жалеа на животот.
– И јас сум неженет и имам пеесет и кусур години. Како да се женам кога не сум вработен и чекам мајка ми да ми даде педесет денари за да излезам на сред село. Прво работа и пари ми требаат а после се разбира дека и јас сакам да се оженам, рече жител на селото.
– Невестиве идат тука оти мислат дека е поарно. Сега кога ќе им дадат тутун да работат усвет ќе фатат, рече жител во селото.
Сепак градоначалникот Цветковски смета дека примерот е позитивен и дека за една деценија ќе нема ниту еден неженет ерген и немажена мома. над четириесет години. Сега ги има 98 ергени над 40 години и 8 моми над 35 години.
До сега ниту една невладина организција, народниот правобранител или пак женското лоби во парламентот не реагираше на ваквиот начин на посредништво на властите./Б.Н