Министерката Јанкуловска: Нема индиции за трговија со луѓе во случајот со посредништвото на невести од Албанија
Нема идниции дека посредништвото на градоначалникот на Лозово за носење невести од Албанија и мерката со која се субвенционираат бракови на стари ергени и моми се злоупотреба на службената положба или пак трговија со луѓе, вели министерката за внатрешни работи гордана Јанкуловска.
– Јас ги следев прилозите на медиумите и мислам дека такви елементи нема, сепак двајцата сопружници стапуваат во брак на своја иницијатива и се согласуваат, а доколку некој има потреба да пријави некаква злоупотреба знаете дека ние сме отворени за тоа, рече министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.
На официјалниот фејзбук профил на градоначалникот на Лозово, Орце Цветковски уште пред една година е закачен фото албум со наслов „ Носење невеста од Албанија“ во кој на фотографии го има и градоначалникот. Дел од успешните љубовни приказни ги полнеа и медиумите. Вчера Цветковски пак се пофали дека туристичка агенција му понудила да донесе два автобуси жени од Русија, а тој наоѓа начин како тоа да се изведе и да биде по закон. Но, во неколку наврати не пропушта да се пофали дека за негова помош се заинтересирани и други градоначалници кои имаат проблеми со стари ергени и моми во општините.
– Сите знаеме дека нема невести овде кај нас, па за тоа ние, општина Лозово наоѓаме невести од Албанија. Неколку одења до албанија чинат 600-700 евра, плус има додатни трошоци, што значи една невеста би чинела околу 2 000 евра. Јас веќе неколку години се занимавам со ова, кога видов мои блиски роднини кои се загрижени за своите синови си земав за обврска да бидам еден вид координатор за цела Источна Македонија и ги известив сите градоначалници дека им стојам на располагање за контакти со невести од Албанија. Провизија не земаме, работиме чисто хуманитарно, рече градоначалникот Цветковски.
Речиси еден месец во Лозово е на сила одлуката со која секој ерген кој е над 40 години а кој ќе се ожени и секоја мома која има повеќе од 35 години и ќе се омажи добива 500 евра од општината, се овозможуваат гинеколошки прегледи а општината од подамна дава награда и за новороденчиња./Б.Н.