Мелница повторно ги обединува срцата: „Мелнички иселенички средби 2025“ со богата програма
Објавено: 23 јули, 2025, во 09:56 часот
Селото Мелница, во Општина Чашка, и оваа година ќе биде домаќин на културниот настан „Мелнички средби 2025“, кој ќе се одржи во петок, на 25 јули, со почеток во попладневните часови. Настанот ќе се реализира кај спортскиот терен на ООУ „Тодор Јанев“, и претставува уште една можност за поврзување на иселените Мелничани од родниот крај и прослава на заедништвото, традицијата и културата.
Организатор на средбата е Здружението на граѓани за граѓански иницијативи „МЕЛ – МЕЛ 2023“ од Мелница, во соработка со здружението „МАК–МЕЛ“ од Швајцарија и Германија, со поддршка од Општина Чашка.
Програмата започнува во 18:30 часот со свечено дефиле на фолклорни групи кои ќе продефилираат низ главната улица во селото, најавувајќи ја вечерта исполнета со музика, игра и радост. Официјалната програма продолжува во 20:00 часот со свечено отворање на средбите, а веднаш потоа, во 20:30, стартува културно-забавниот дел.
Први ќе настапат девојките од село Мелница, кои секогаш носат посебна енергија и гордост на сцената, по што следува настапот на Културно-уметничкото друштво „Тодор Јанев“ од населба Чашка. Веднаш потоа ќе се претстави и Културно-уметничкото здружение „Карпош“ од Крива Паланка. Публиката потоа ќе има можност да ужива во настапот на популарната пејачка Сузана Гавазова, по што ќе ја загрее атмосферата и пејачот Цаки Кисми, а вечерта ќе заврши со голема народна веселба и жив настап на групата КИСМИ.
Организаторите откриваат дека програмата ќе биде збогатена и со дополнителни изненадувања, подготвени специјално за сите присутни. Покрај мештаните, топло се поканети и сите граѓани од целата држава, со цел овој убав културен настан да ги зближи луѓето, без разлика каде живеат.
„Мелнички средби 2025“ ветуваат незаборавна вечер исполнета со топлина, спомени, нови пријателства и искрени емоции – настан што ќе остане во срцата на сите што ќе бидат дел од него.
Стефани Манева

