По ланските 28 годинава уште две повеќе доброволни акции, членовите на здружението „Велешките акцијаши“ отворени за младите и сите сограѓани волонтери (фото и видео)
Со само доделена финансиска поддршка од 15 илјади денари од Општина Чашка на територијата на оваа и велешката општина, членовите на ЗГ „Велешки акцијаши“ изведоа 28 доброволни акции. Тие чистеа од смет банкини покрај регионални патишта, утредуваа зеленило и простори на и покрај фудбалски стадион, спомен обележја, со помош на донатори трасираа и бетонираа паркинг простор до црква „Света Петка“, садеа садници за нови дрвореди и со поддршка на „Црвена Младина“ го пошумуваа Вршник.
-Едуциравме и вклучивме во активностите ученици од три основни училишта во Велес. Тие беа наши претставници и во македонската бригада на Работната акција „Нови Пазар“ во соседна Србија и дел се вратија со ударнички значки. Ќе продолжиме со ист интензитет. Ќе работиме со младите и враќањето на вистинските вредности кога е акцијаштвото во прашање. Доколку бидеме финансиски поддржани ќе изведеме најмалку 30 доброволни акцијашки акции во 2025 година. Меѓу нив секако од големо значење за нас е одбележувањето на јубилејот 40 години од првата организирана Младинска работна акција „Бабуна“ во нашиот град. Имаме план за организација на активности за овој јубилеј и се надеваме дека ќе ни се оствари, рече претседателот Делчо Костов.
На Годишното собрание на ова граѓанско здружение беа изгласани скромниот финансиски извештај и програмата за работа за 2025 година. Нивни гости беа градоначалникот на Општина Чашка, Горан Стојановски, претседателот на Сојуз на здруженија на акцијаши ветерани Борче Георгиевски, советникот од Совет на Општина Велес Димитар Абрашев како и претставници на акцијашките ветерански здруженија од Скопје, Штип и Битола. Поделија и Благодарници.
Здружението со реализација на годишната програма започнува наредниот месец за кога се планирани три доброволни акцијашки акции. Од нив две во комплексот цркви кај манастир „Свети Димитрија“ на јужниот излез на Велес како и уредување на просторот кај Спомен обележјето „Споменик на загинати борци во Февруарски поход“ во месноста Камина, кај село Степанци во општина Чашка.
Убавка Јаневска