Министерот Спасовски: Наскоро видео надзор на јавните површини и во Велес
Министерството за внатрешни работи ја гради потребната инфраструктура за поставување на видео надзор на јавните површини, на сообраќајниците и на улиците во главниот и во градовите во внатрешноста на државата. Велес е меѓу првите градови што ќе биде припоен на главниот кабел преку кој ќе се пренесува видео материјалот до министерството. Тоа значи дваесет и четири часовен надзор коишто ќе овозможи да не се уништува поставена урбана опрема, кражби на јавни материјални добра, регистрирање на физички напади, сообраќајни незгоди итн. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одговарајќи на новинарско прашање на Дума.мк појасни дека прво на министерството му било потребно време за враќање на долгот од 40 милиони евра, што тој го наследил, за потоа да се пристапи кон осовременување на опремата за да започне реализацијата на овој проект.
-Во завршна фаза е обезбедувањето на инфраструктурата. Поставувањето на оптичкиот кабел од Скопје до Прилеп со влезови во Велес и во Кавадарци. Очекувам за неколку месеци да се комплетира целиот проект. На овој начин ќе ја отвориме можноста преку видео надзорот што го имаме како дел од проект „Безбеден град“ во Скопје, Куманово и Тетово да го прошируваме и во другите градови, додаде Спасовски.
Запрашан дали МВР ќе ги врати на улиците во градовите полициските позорникари Министерот одговори:
-И тој проект се реализира. Функионираат безбедносни реони и во Секторот за внатрешни работи Велес. Меѓутоа намалениот број на полициски службеници, не доволната потполнетост во полициските станици практично доведува да не можеме да ги покриеме сите или да направиме поголем број на безбедносни реони. Како ќе се зголемува бројот на полициски службеници така да се зголемуваат и реоните, рече Спасовски.
Според Спасовски голем е бројот на полициски службеници коишто набрзо ќе исполнат услови за пензионирање и за пополнување на слободните работни места МВР ќе распишува огласи за вработување.
Убавка Јаневска