Младите од Вики Клуб Велес учеа за грнчарството во работилница на Којник

Објавено на 17 април, 2025 во 12:16

Во духот на зачувување на културното наследство и традиционалните занаети, Вики Клуб Велес како дел од Здружението Викимедија Македонија, реализираше едукативна работилница во грнчарската работилница на Којник.

Учениците, членови на клубот, имаа можност одблиску да се запознаат со процесот на изработка на грнчарски производи, водени од искусниот грнчар Ване – мајстор кој со децении го негува овој стар занает, но со тага вели дека засега нема наследник кој ќе го продолжи неговото дело.

-Во текот на работилницата, младите учесници добија детално објаснување за целиот процес – од обработката на глината, преку обликувањето на грнчарското колце, до финалната фаза на сушење и печење на производите. Се запознаа со специфичната алатка што се користи при изработката, како пресата за месење на глината, дрвените и металните чекани, бурето за киснење, како и специјалната печка која достигнува температура од 900 степени и во која се печат грнчарските производи дури 10 часа, објасни Лила Арсовска која е координатор на Вики Клуб Велес.

Работилницата помина во позитивна и интерактивна атмосфера, со голем интерес и љубопитност од страна на младите Википедијанци. На крајот од настанот, грнчарот Ване им подари на сите учесници по еден свој уникатен производ – симболичен подарок и спомен од ова незаборавно искуство.

Со ваквите активности, Вики Клуб Велес придонесува кон зачувување и документирање на традиционалните занаети, како и нивна промоција преку слободни содржини на Википедија. Истовремено, младите добиваат едукација од прва рака и активно учествуваат во зачувување на културното наследство кое полека исчезнува.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.