Младите велешани го користат градскиот базен

Околу 150 млади велешани во текот на вчерашниот ден пливале, се сончале и уживале на градскиот базен во Велес којшто официјално за капачи се отвори во средата, на 13 јули. На вториот ден од отворањето, според Диме Левков, директор на ЈП „Парк – спорт и паркинзи“, најголема заинтересираност имало за дневните билети, додека, бројот на издадени сезонски билети е помал.
-Ударни ни се дневните билети, искрено така и очекувавме. Сезонски билети имаат извадено неколку капачи коишто редовно идат на базенот. Тие идат на сабајле и на поручек и пливаат од рекреативни или здравствени причини. Можам слободно да кажам дека најголема заинтересираност имаме од страна на деца и млади, додаде Левков.
Младите велешани покрај тоа што пливаат, се сончаат на лежалките, исто така, играат и мал фудбал, пинг – понг, хокеј на трева, коишто годинава на базенот се бесплатно ставени во функција.

Шанкот за пијалоци и сладолед се уште не е отворен и се очекува на почетокот на следната недела, од понеделник најдоцна до среда, да биде ставен во функција за посетителите на базенот.
За време на викендот се очекува бројот на капачи да биде повисок, бидејќи поголем дел од граѓаните се слободни но исто така не очекува и топло време со температури над 30 степени.

Градскиот базен во Велес е отворен секој работен ден од 09:00 до 19:00 часот за пливање. Влезот за деца до пет години е бесплатен, цената на дневниот билет изнесува 60 денари, триесет дневниот билет 1.200 денари и сезонскиот билет 1.800 денари.
Стефани Манева
