Мобилно новинарство – приказна: „Од хоби до бизнис“ – средношколка заработува од рачно изработени 3Д рамки (фото и видео)

Објавено на 8 февруари, 2023 во 11:21
Фото: Драгана Спасева

„Јас сум Драгана Спасева, ученик во ССОУ „Коле Неделковски“ во Велес. Ученичка сум во трета година во смерот ЕКТА. Покрај тоа што учам технологија и информатика во слободно време изработувам рачни изработки преку којшто ја изразувам мојата креативност. Моите изработки и тоа што јас го изработувам се дел од најзначајните моменти на моите клиенти“.

Фото: Рачна изработка на Драгана Спасева

Оваа седумнаесет годишната девојка од Велес има креативни идеи што со своите раце ги преточува во 3 Д рамки. Уникатни се детаљите во различни форми и облици изработени од хартија во разни бои. Рачните изработки на креативната ученичка се несекојдневни. Процесот на изработка воопшто не е едноставен.

Фото: Рачна изработка на Драгана Спасева

-Процесот на изработка е долг и бара трпение. Најнапред обезбедувам листови во боја и ги сечат според одредени шаблони. Потоа, рачно ги виткам и не користам никакви дополнителни помагала со цел да има посебна форма секој цвет. Потоа цветовите ги подредувам во рамката и мене тоа ми е омилениот процес. Едноставно си играм со хартијата и распоредот на цветовите, додаде Драгана.

Фото: Рачна изработка на Драгана Спасева

И не е само долг процесот на изработка на внатрешноста на 3Д рамката. Дел од уникатноста е и во стаклото на кое се испишува пораката. Таа може да содржи и наслов од музичка нумера што ја има на мобилната апликација Spotify. Со мобилниот телефон се скенира кодот испишан на стаклото на ЗД рамката за да се слушне песната на мобилната апликација.  Зборовите на песната ги откриваат желбите за личноста на која подарокот и е наменет.

Фото: Рачна изработка на Драгана Спасева со Spotify тема

-И на крајот го изработувам стаклото коешто ми одзема од 2 до 3 часа во зависност од тоа што ќе пишува на него и колкав ќе биде текстот. Откако ќе се вклопи се, се создава подарок којшто носи емоции со себе и голема посвета, додаде Драгана.

Најчесто младите посакуваат подарок ЗД рамка со Spotify тема. Повозрасните  избираат порака со зборови што емотивно ги поврзуваат со личноста за која рамката е наменета. Драгана вели  дека многу често додава зборови со посебно значење на клиентите или таа им препорачува посвети.

Фото: Работна атмосфера на Драгана Спасева

 – Но многу е значајно при дизајнот  текстот да не биде премногу долг.   Доколку има некој елемент во рамката од ружите да се направат во форма на срце, многу е битно во тие модели да има помалку текст со цел да не ја затвора целосно рамката. Да биде нешто специфично  но да не се изгуби фокусот на дизајнот, поточно на она што го има во рамката, додаде Драгана.

Фото: Рачна изработка на Драгана Спасева

Уникатните рачни изработки на Драгана красат десетици домови во Велес. Со нив се одбележани многу значајни датуми на семејства. Тие добиле принови, славеле родендени, јубилеи, годишнини или пак ја крунисале својата љубов со брак. 3Д рамките се подаруваат и за имендени и за домашни слави. Сега Драгана ги изработува најновите рачни изработки за претстојните празници Денот на вљубените и Денот на жената. Некоја наредна рамка може да заврши и кај вас.

Стефани Манева

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.