Мразот и сланата го „обраа“ родот на овоштарите и земјоделците во Росоманско, производителите бараат прогласување на елементарна непогода и отштета

Атмосферската непогода којашто од 17 до 20 март, годинава, ги зафати површините со овоштарници на Владо Орданов го преполови додека сланата и мразот од минатата недела го турна цветот и ги измрзна младите гранки на овошките. Орданов е традиционален производител на овошје на вкупно 35 хектари во село Сирково, во Општина Росоман. Овој овоштар веќе ги сече измрзнатите гранки на кајсиите кои ги одгледува на површина од 14 хектари, на праските на 12 хектари, на црешите на 3 хектари, на јаболкниците и на крушите на 1,5 хектари, на сливите на 1 хектар и на половина хектар со дуњи. Штетата е огромна, годинава сланата и мразот сотре се што процути и голем е бројот на овошни стебла со измрзнати гранки.

-Невидена штета направи појавата на саланата и мразот коишто во период од неполн месец во три наврати се појавија на овошните насади. Ако во трите дена по 17 март овие временски непогоди го уништија цутот на родните дрвја, минатата недела сланата во два наврати, вториот пропратена со мраз, ги измрзна и младите а на некои дрвја и неколку годишните гранки. На моите плантажи штетата изразена во тони овошје изнесува најмалку 700 тони. Или во финансиски средства првичната проценка е помеѓу 500 и 600 илјади евра. Без поддршка од државата, поточно без обештетување не можам сам да се справам од годинешната елементарна непогода, рече Орданов.

Традиционалниот овоштар додаде дека иста е состојбата и кај останатите поголеми производители на овошје во росоманско но и кај лозаропроизводителите чии насади се зафатени од мраз и слана минатата недела.
-Дваесет и пет години, континуирано работам на одгледување на овоштарници и континуирано засадувам нови површини. Ваква штета до сега не ми се случила. И не само мене туку комплетно на сите овоштари и лозари со насади во Општина Росоман. Државата мора да прогласи елементарна непогода и согласно закон, кој пропишал отштета до 30 отсто да не обештети сите. Доколку тоа не се случи тогаш годинава Македонците нема да пробаат росомански праски и други овошја од нашиот крај, додаде Орданов.

Овоштарите, лозарите како и градинарите ја засипаа Општина Росоман, која на 2 април, објави јавен повик за обештетување на земјоделците со материјални штети на земјоделски насади предизвикани од атмосферската непогода што ја зафати територијата на општина Росоман во периодот од 17 до 20 март 2025 година. Очекувањата се дека бројот на пријави ќе достигне најмалку 1.000.

-Ова е уште покатастрофална состојба од 2022 година кога на повикот на општината пристигнаа вкупно 800 пријави. Со оглед на состојбата што успеав лично да ја видам штетите на овошните и лозови насади како и на зеленчук на отворено сега се поголеми од пред три години, рече градоначалникот Стојан Николов.
Комисија ќе ја утврди штетата додека исплатата ќе ја врши државата. Но јавниот повик се однесува само на првиот бран на временската непогода поточно од 17 до 20 март, годинава, и засега нема за другите два бранови од минатата недела. Во објавениот повик пишува дека штети не можат да пријават земјоделци чии насади што се помлади од три години, насади што не се обработуваат и насади што веќе се осигурани за 2025 година, во осигурителни компании.
Убавка Јаневска
