На игнорирањето на власта, незадоволните пензионери ќе одговорат со голем протест на 7 ноември во Скопје

Нема отстапки од веќе познатите барања за линеарно зголемување на пензиите во висина од 5 илјади денари и најниска пензија од 20 илјади денари, повторноо гласно кажаа незадоволните велешки пензионери вчера вечер на протестот организиран од Иницијативен одбор на „Здружение за достоинствен живот на пензионерите“.
На едночасовниот мирен протест со блокада на сообраќајот на влезот во Велес, од 17 до 18 часот, кај бензиската на „Лукоил“ пензионерите соопштија дека на „глувоста на владата и надлежното министерство“ за нивните барања ќе возвратат со протести пред дипломатските преставништва во Скопје.
Пензионери ги кажуваа своите маки како е тешко да се преживее од прениските пензии од кои освен за храна и комуналии мора да се купат и лекови без кои го доведуваат во ризик нивното здравје и живот. Во нивните искажувања имаше примери на пензионери кои не можат да си купат дрва и не знаат како ќе презимат. Дел од нив рекоа дека цел работен век го минале во Порцеланка, Лозар, Свилара и други претпријатија коишто ги изеде транзицијата без вина на поранешните работници па затоа прашаа тие ли треба да се виновни што земале ниски плати според кои им е пресметана висината на пензијата од која сега не можат да преживеат.
Претседателот на Иницијативниот одбор на незадоволни пензионери, Кире Василевски на протестот соопшти дека нема да се откажат од барањата а на игнорирањето од власта ќе одговорат со централен протест пред Амбасадите на Белгија, Холандија, САД и Велика Британија, како и пред седиштето на ЕУ во Скопје. Протестот ќе се одржи на 7 ноември со присуство на незадоволни пензионери од цела Македонија.
Василевки, за Дума.мк, сега потврди дека по денешното завршување на работниот состанок на Иницијативниот одбор на „Здружение за достоинствен живот на пензионерите“ одлуката е потврдена и започнуваат со подготовки за мирниот протест на 7 ноември.
Стефани Манева
