На локацијата за изградба на новиот дел на Кеј на река Вардар се расчистува вегетацијата и се решава комуналната инфраструктура
Се работи на изградбата на новиот дел, во должина од 200 метри, на Кеј на река Вардар, во центарот на Велес. На градилиштето, помеѓу Мало Мовче и Стар Мост, во моментов се врши расчистување на вегетацијата којашто по извршено геодетско обележување на објектот констатирано е дека се наоѓа на трасата за ѕидот на кејот во изградба. Од општина Велес одговорија на новинарското прашање на Дума.мк за тековните градежни зафати на градилиштето на оваа локација.
„Во исто време се решаваат проблемите поврзани со испустите на фекалната канализација како и на атмосверската канализација. Ќе се изведува крак за фекална канализација со кој ќе се зафатат испустите од постоечките објекти, коишто се повеќе на број, долж трасата каде ќе се гради кејот, ќе се канализираат во заедничка линија – цевка и како таква линијата ќе се донесе до постоечка шахта за фекална канализација која се наоѓа во непосредна близина на Мало Мовче. По завршување на погоре опишаните активности, ќе се продолжи на градежните работи кои се планирани согласно проектот и договорот,“ соопшти Општина Велес.
Средствата предвидени за изградба на овој дел од кејот на реката Вардар се општински, поточно се од развојните програми на Општина Велес и се обезбедуваат од годишниот буџет. Тоа значи дека општината сама учествува во изградбата на новите 200 метри должински Кеј во центарот на Велес во кој ќе вложи дел од приходите на даночните обврзници поточно граѓаните годинава и во наредните две години, 2025 и 2026 година. Реализација на овој значаен проект е со вкупна проектна вредност од 30 милиони 198 илјади и 377 денари или 491 илјади евра, со вклучен данок на додадена вредност.
Со изградбата на овие 200 метри должински кеј, во Велес, на западната страна на река Вардар, ќе се обезбеди двојно по долг и поголем простор за седење или пешачење на граѓаните. Според претходно дадени изјави на градоначалникот Марко Колев оваа треба да биде едена од позначајните капитални општински инвестиции која се очекува да продолжи да се реализира и над мост „Гемиџии“ во правец кон населбата Дворови.
Убавка Јаневска