Нацева: Посетете го уште вечерва новогодишниот Базар во Младински парк, велешките ракотворци имаат широка понуда на рачно изработени подароци за Вас и семејствата (видео и фото)
Објавено: 30 декември, 2025, во 15:32 часот
Дарија Нацева е само една од вкупно 29 учесници на годинешниот Новогодишен базар во рамки на манифестацијата „Велес винтер фест“ што се одржува во Младински парк во Велес. Во нејзината годинешна, празнична, новогодишна и божиќна понуда, има голем број на рачно плетени играчки и украси. Меѓу нив се и светски познатите „Бабушки“, еден од препознатливите руски сувенири или заштитен симбол на татковината на Нацева, Русија.

Оваа позната ракотворка, со зад себе веќе една деценија стекнат епитет на „велешка снаа“, за своите сограѓани ја претстави својата понуда на рачни изработки што можат да се купат уште вечерва на нејзината празнична тезга.
Нацева е задоволна од интересот на Велешани за кои смета дека ќе беше и поголем доколку временските услови не донесеа студ во попладневните и минусни температури во вечерните и ноќни часови во градот.

И не само на тезгата на Нацева туку и на останатите 28 ракотворците имаат широка понуда на убави рачно изработени производи поточно новогодишни и божиќни декорации, голем избор на накит, на украси, на играчки, на свеќи и хербални производи како и мини природни елки. Цени се прилагодени. Одговараат на длабочината на секој џеб бидејќи убави украси или магични лампиони можат да се купат и за 100 денари, мини природни елки за 350 денари, декорации од 300 до 500 денари или нешто поскапи се рачно сликани мини уметнички слики.

Погледнете го видеото кое ви прикажува што се можете да купите од велешките ракотворки! Не пропуштајте, уште вечерва имате можност да изберете новогодишен подарок или новогодишно пакетче за децата кое чини 350 денари.
И не само што можете да прошетате и да изберете новогодишни и божикни подароци за вашите најсакани туку годинава имате и уникатна, поточно, многу атрактивна содржина на годинешниот Новогодишен базар во Велес. Фотосесија со помош на „Магично огледало“ која чини само 100 денари.


Вашата годинешна новогодишна и божиќна сесија од фотографии со помош на Магично огледало ќе ви овозможи да ги добиете експесно фотографиите и да ги сочувате спомените кои се значаен дел од животот!

Спомените стануваат безвременски!
Убавка Јаневска


