Нов обид до повеќе вода за пиење: Ќе протечат и чешмите во Пепелиште и Криволак
Неготино ќе го подобрува водоснабдувањето во градот и во Пепелиште преку реализација на проект тежок 2,5 милиони денари. Општината, сретствата ги издвои од буџетот во кои се собират парите од граѓаните што редовно ги плаќаат даноците.
Деновиве започнаа активностите околу поставување на дополнителниот цевковод во должина од 500 метри преку кој Неготинци ќе добијат вода, дополнителни 3 литри во секунда. Оваа количина ќе стинува до жителите на повисоката зона во градот и во селото Пепелиште каде водоснабдувањето години наназад е со незадоволително ниво. Локалната власт ја разгледува и опцијата преку проектот да набави две нови пумпи за вода кои од технички аспект ќе ги задоволат потребите за количина од над 50 литри во секунда. Еден крак да биде насочен кон Неготино со што треба да го ублажи недостигот од вода кој се провлекува со децении а други два крака да се насочат кон селото Пепелиште и ВП Криволак.
Неготинци,долги години живеат со постојани редукции на водата за пиење како во летниот така и во зимскиот период. Најпогодени се жителите на повисоките делови во градот кои за време на летниот период немаат вода и по 20 часа во едно деноноќие. Сега, водоснабдувањето на Неготино се врши од изворот “Лукар”, од кој вода пијат и Кавадарчани. Актуелниот максимален проток на вода во системот “Лукар” изнесува 105литри во секунда, додека во сушни години е скоро преполовен. Моментално загубите на вода во мрежата која е застарена и е со постојани дефекти изнесува 50 насто.