Неготинските лозари стравуваат за исплатата на грозјето од визбата на Повардарие!
Деновиве во визбата, поради долг кон држвата, повторно биле службеници на Царинската Управа.
Визбата, деновиве, повторно ја посетиле службеници од Царинската Управа со цел да се прецизира начинот на кој ќе треба да го плати долгот кон државата. Тоа внесе паника кај лозарите кои стравуваат дека може да биде доведена во прашање понатамошната исплата на грозјето. Велат дека од ден на ден опаѓа нивната куповна моќ а бројот на сиромашни лозари се зголемува .
„Само се кажуваат убави работи,субвенции,поволности за земјоделците,но колку ние тоа го чувствуваме.Оставете ја политиката,тие за тоа се платени во собранието.Повардарие нека си го решава сам проблемот,ние го бараме само тоа што чесно сме го заработиле.Сакаме и ние да живееме како луѓе,да имаме некој денар за Нова Година“,рече лозар од Неготино.
Неодамна сопственикот на винарската визба Повардарие,српската фирма Вино Жупа,најави дека размислува да ја затвори винаријата во знак на револт од непочитувањето на судските одлуки во земјата бидејќи винаријата имала решение од Управен суд ,со кое се одложува извршувањето се додека целосно не заврши судскиот спор меѓу Повардарие и државата.
Директорот на винарската визба,Ванчо Кузманов, вети дека нема да биде доведена во прашање исплатата на лозарите за реколтата 2012 како и обврските спрема добавувачите.
„ Вино Жупа како сопственик на винарската визба сериозно размислува дали да продожи со понатамошното работење во Македонија бидејќи со ова на некој начин се губи и вербата во институциите на системот“,рече Кузманов.
Неодамна Царинската управа и ја одзеде акцизната дозвола на визбата Повардарие и ги затвори акцизните складови поради неплатени даночни обврски од 40 милиони денари. По овој спор,велат од Повардарие,одлучувал Управниот суд на 31 јули оваа година.Кузманов вели дека по претходно барање на Царинската управа,визбата воспоставила и хипотека од прв ред во корист на Царината сe додека не се реши спорот согласно законот.
