Објавени се најдобрите неготински индивидуални производители на вина и ракии за 2021 година
12.02.2021
По извршената дегустација на пристигнатите мостри од страна на комисијата составена од енолози, денес официјално се објавени резултатите и познати се најдобрите индивидуални производители на вина и ракии на годинашниот натпревар по повод „Св.Трифун“.
Во пресрет на празникот Св. Трифун, иако оваа година заради пандемијата изостанува традиционалното празнување на овој голем празник за лозарите и винарите, сепак вчера се одржа натпреварот на кој се избираа најдобри вина и ракии, произведени од неготинските лозари, во организација на Општина Неготино.
Во категоријата бели вина трето место освои виното „куве“ на Тоше Николов, второ место „жупјанка“ на Гоце Станоески и прво место освои виното „шардоне“ на Гоце Попов. Во категоријата црвени вина третото место му припадна на Горан Јаковлески за виното „станушина“, второто место го освои „ каберне франк“ на Ивица Златковиќ и прво место „вранецот“ на Влатко Цветановски. Во категоријата ракии, третото место му припадна на производителот Кирил Андов, второ Бранко Вељанов, а првото место го освои ракијата на Горан Јаковлески. Најдобра овошна ракија има произведено Лилјана Луканова, а најдобра мастика Никола Манчев.
Дегустацијата и изборот помеѓу пристигнатите 108 примероци на вина и ракии, што е рекорд оваа година, вчера ја вршеше тим составен од 8 професионални енолози.
Општина Неготино обезбеди признанија и награди за најдобрите производители кои наредната недела ќе ги додели градоначалникот Тони Делков, строго почитувајќи ги протоколите и мерките за заштита од коронавирусот, информираат од општината.
Мите Јаначков
