Нова откорната корпа за смет во центарот на Велес
Од парите на велешани општината поставува корпи за смет на тротоарите а граѓаните ги уништуваат. Вчеравечер десетина минути пред полноќ откорната беше корпата на улица „8-ми септември “, под градскиот јавор на источната страна од улицата. Откорнатата корпа за смет лежеше на тротоарот добро подготвена да биде украдена и најверојатно продадена за старо железо. Можеби откорнувачите си ја спремиле за поставување на сопствена површина во некој двор, дома или на викендица. Како и да е оштетената корпа преставуваше грда глетка за минувачите. Од ЈКП „Дервен“ велат дека секојдневно се соочуваат со вандализам на градските улици. Денешниот е последен во низа веќе претходно сторени во сите делови на градот.
-Се случува дури и на пофреквентните места, како што е случајот со откорнатата корпа за отпадоци во близина на градскиот плоштад. ЈКП Дервен често апелира до граѓаните за повисока свест за зачувување на јавните добра и повисока еколошка свест, но ваквите девијантни појави не стивнуваат. Комуналното претпријатие нема законска надлежност и право да казнува во ваков случај, па затоа сметаме дека зголемено присуство на органите за јавен ред и комуналните редари е неопходно за да се намали уништувањето на зеленилото и урбаната опрема од страна на несовесни граѓани, реагираат од ЈКП „Дервен“.
Јавното комунално претпријатие „Дервен“ во истовреме информираше дека ги санира сите уништени клупи, корпи, летниковци, детски лулашки и останата урбана опрема што била мета на вандализам во градот. Но граѓаните и понатаму несовесно и неодговорно се однесуваат без притоа да разберат дека овие јавни добра се купени со нивни пари преку комуналните такси и даноци што тие ги плаќаат.
Екипа на јавното комунално претпријатие денеска повторно ја постави откорнатата корпа за смет, додека од раководството повторно апелираат да проработи совеста и граѓаните да не уништуваат, туку да придонесуваат постоечкото да се одржува и нова урбана опрема да се поставува каде што на граѓаните им недостасува.
Убавка Јаневска