Нова откорната корпа за смет во центарот на Велес

Објавено на 7 јуни, 2021 во 16:20
Откорната корпа за смет

Од парите на велешани општината поставува корпи за смет на тротоарите а граѓаните ги уништуваат. Вчеравечер десетина минути пред полноќ откорната беше корпата на улица „8-ми септември “, под градскиот јавор на источната страна од улицата. Откорнатата корпа за смет лежеше на тротоарот добро подготвена да биде украдена и најверојатно продадена за старо железо.  Можеби откорнувачите си ја спремиле за поставување на сопствена површина во некој двор, дома или на викендица. Како и да е оштетената корпа преставуваше грда глетка за минувачите.  Од ЈКП „Дервен“ велат дека секојдневно се соочуваат со вандализам на градските улици. Денешниот е последен во низа веќе претходно сторени во сите делови на градот.

Откорната корпа за смет

-Се случува дури и на пофреквентните места, како што е случајот со откорнатата корпа за отпадоци во близина на градскиот плоштад. ЈКП Дервен често апелира до граѓаните за повисока свест за зачувување на јавните добра и повисока еколошка свест, но ваквите девијантни појави не стивнуваат. Комуналното претпријатие нема законска надлежност и право да казнува во ваков случај, па затоа сметаме дека зголемено присуство на органите за јавен ред и комуналните редари е неопходно за да се намали уништувањето на зеленилото и урбаната опрема од страна на несовесни граѓани, реагираат од ЈКП „Дервен“.

Јавното комунално претпријатие „Дервен“ во истовреме информираше дека ги санира сите уништени клупи, корпи, летниковци, детски лулашки и останата урбана опрема што била мета на вандализам во градот. Но граѓаните и понатаму несовесно и неодговорно се однесуваат без притоа да разберат дека овие јавни добра се купени со нивни пари преку комуналните такси и даноци што тие ги плаќаат.

Повторно поставена корпата за смет

Екипа на јавното комунално претпријатие денеска повторно ја постави откорнатата корпа за смет, додека од раководството повторно апелираат да проработи совеста и граѓаните да не уништуваат, туку да придонесуваат постоечкото да се одржува и нова урбана опрема да се поставува каде што на граѓаните им недостасува.

Убавка Јаневска  

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.