„81 години слободен Велес“ (видео и фото)

Објавено: 10 ноември, 2025, во 10:18 часот

Општина Велес со свечена академија го одбележа празникот на градот, 9 Ноември, поточно 81 години од ослободувањето на Велес од фашистичкиот окупатор.

Свечената академија ја отвори Градоначалникот Марко Колев кој во своето петто обраќање, четири пати во првиот и прв пат во вториот мандат, им ги честиташе на годинешните добитници 9-то ноемвриските награди и признанија и се заблагодари на Велешани, како што рече, за големата и убедлива победа на штотуку завршените локални избори со којашто го задолжија за реализација на голем број на проекти.

Даниел Јаневски, претседател на Совет на Општина Велес им ги врачи наградите „9-то ноемвриска Пофалница“ на добитниците Маријана Нацева, Трајче Илиевски и „Киноверзум“.

Потоа Јаневски ги врачи наградите „9-то ноемвриска Благодарница“ на годинешните добитници ДСУ РЦСОО “Коле Неделковски“, СОУ „Јовче Тесличков“, Локална библиотека „Гоце Делчев“, Јасмина Дамјановска, Лила Арсова, Миле Манчевски и Мото клуб „Носачи на крстот“.

На свечената академија годинешните добитници на Спомен плакети  авторскиот тим на издадениот „Тритомник на Рацин“ поточно проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска, проф. д-р Венко Андоновски, проф. д-р Искра Тасевска Хаџибошкова и академик Катица Ќулафкова како и градежниот инжинер Бошко Цветковски наградите ги добија од Градоначалникот Колев. Во име на добитниците се заблагодари Мојсова Чепишевска.

Мајката на Марко Ингилизов, во име на својот син којшто студира во странство, ја прими наградата за најстудент „Проф. д-р Ѓорги Шоптрајанов од градоначалникот Марко Колев.

Градоначалникот Колев му ја врачи престижната награда за животно дело „Гемиџии“ на актерот Петар Темелковски а тој во името на годинешните добитниците се заблагодари.

Свечената академија се одржа во голема сала на НТ„Јордан Хаџи Константинов Џинот“, вчера вечер.

Во чест на годинешните добитници концерт одржа „Битолски оркестар Дива“ со солистите Андријана Јаневска, Никола Перевски – Пере од „Нокаут“, како и  Ана Петановска, Димитар Андоновски и Полина Тасева.

Годинешното одбележување на денот на осободувањето на градот од фашистичкиот окупатор, Општина Велес го започна вчера претпладне со положување цвеќе пред бистите на народните херои од Народноослободителната војна во Младинскиот парк и во Спомен костурницата.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.