Одбележани 86 години од печатењето на „Бели мугри“ – вечната поетска светлина на Кочо Рацин

Објавено: 26 ноември, 2025, во 11:19 часот

Осумдесет и шест години од првото печатење на стихозбирката „Бели Мугри“ од Кочо Рацин во Самобор, Загреб, беше одбележано во медијатеката на градската библиотека „Гоце Делчев“. Во печатницата на Драгутин Шпулер се направил првиот мал но историски важен чекор кој ја означи појавата на едно од најзначајните дела од македонската поетска традиција.

Бројната публика прво го проследи видеозаписот „Бесмртниот“, подготвен од Локалната библиотека, кој низ кратка документарна форма го прикажа животот и творечкиот пат на Рацин.

Потоа пред присутните се обрати проф. д-р Виолета Ачкоска која говореше за значењето на „Белите мугри“ и за начинот на кој ова дело оставило неизбришлива трага во историјата и културата на нашиот народ.

Како и секоја година, учениците од велешката гимназија, што го носи името на поетот, се претставија со рецитал на избрани песни.

Публиката ги слушна музичките изведби на „Копачите“ и „Ленка“, во интерпретација на Изабела Жабева, Кристина Станишева, Лили Божиновска, Љубе Лазов и Димитар Илиев.

Со рецитали се претставија Тамара Димова со песната Денови, потоа Ева Јаковлевска со Тутуноберачи и Ангел Димов со Печал.

Во улога на наратори настапија Вања Крстовска, Стефанија Станковска, Љубе Лазов и Елена Наковска, а настанот беше воден од Стефанија Станковска и Марко Коруновски.

Настанот беше внимателно подготвен под менторство на професорките по македонски јазик и литература Цветанка Карамаркова и Весна Павлова и професорот по музичка уметност Атанас Зафиров.

Со овој настан уште еднаш се потврди дека ликот и делото на Кочо Рацин остануваат длабоко вкоренети во културниот идентитет на градот, а „Бели мугри“ продолжуваат да бидат светлина што не потсетува на вредностите што не смееме да ги заборавиме.

Настанот беше организиран од страна на велешката библиотека во соработка со Општина Велес.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.